Експертите постојано нагласуваат колку е важна комуникацијата со децата, дури и кога се мали. Добрата комуникација помага да се изгради однос полн со меѓусебна доверба, а истовремено кај децата се развива самодоверба и градат добри односи со другите луѓе.
Еве неколку корисни совети што ќе ви помогнат да ја подобрите комуникацијата со вашите деца:
Секогаш внимавајте на растојанието меѓу вас и детето
Ова зависи и од возраста бидејќи малите деца сакаат да бидат блиску до родителите. Соодветно растојание меѓу вас додека комуницирате е неколку чекори за да не го загрозите она што се нарекува личен простор. Близината е добра за милување и прегрнување, но влегувањето во личниот простор не е поволно за разговор. Ова значи дека не смеете да викате од другата соба или од кујната.
Не инсистирајте на визуелен контакт
Верувале или не, вашето дете може да ве чуе дури и кога не ве гледа в очи. За гледање в очи е потребна концентрација, исто како и при слушањето. На детето му е тешко да ги прави овие две работи истовремено. Впрочем, и при нормална конверзација соговорниците не се гледаат в очи цело време, па така е и кај децата. Барањето „гледај ме в очи“ го одвлекува вниманието од пораката што сакате да ја соопштите.
Спуштете се на висината на детето
Очите нека ви бидат на иста висина со очите на детето. За пораката да стигне до детето, подобро е вие да се спуштите на негова висина или да седнете спроти него.
Земете го предвид вниманието на детето
Запомнете дека детето може да мисли само на една работа во одреден момент. Кога е занесено во играта, тешко дека ќе го насочи вниманието кон вас. Имајте предвид дека децата не сакаат да бидат прекинувани во играта, исто како што и вие не сакате да ве прекинуваат при одредена активност.
Не заповедајте, туку разговарајте
Обраќајте му се на детето така што ќе разговарате со него, а не само да заповедате („Стави ја капата“, „Ќе го истуриш тоа“). Немојте да мислите дека наредбите се единствениот вид комуникација со детето и дека тоа сè уште не е „на ниво на возрасните“ за вистински разговор. Никој, па ни детето не сака постојано да слуша заповеди. Разговорот со детето треба да биде двонасочен – кажете му што сакате, а потоа сослушајте го што има тоа да ви каже. Создавањето на оваа навика за разговор со децата ќе биде особено корисно кога ќе станат тинејџери.