Малите деца имаат добро развиена интуиција и во огромен број случаи знаат да разликуваат, на пример, искрена и лажна насмевка. Ова чувство е важно не само бидејќи им помага да препознаат потенцијално опасни лица, туку и затоа што им помага да пораснат во емотивно чувствителни луѓе. Освен тоа, интуицијата е тука да ни покаже и кои работи ни се допаѓаат и прават да се чувствуваме добро.
Задачата на родителите, а и на наставниците, е да ги поттикнат децата да му веруваат на својот инстинкт во ситуации на опасност, но и среќа, да ги научат дека овие чувства се повредни со помош на логика, која ќе им даде смисла и ќе им помогне да ја донесат најдобрата можна одлука. Ова ќе го постигнете ако ги исфрлите овие 5 начини на однесување што ја задушуваат детската интуиција:
1. Омаловажување на стравот што го чувствува детето
Речениците од типот „тоа не е ништо страшно, не треба да се плашиш“ или „ти си голема за да се плашиш од темница“, нема да го смират детето, дури само ќе се создадат препрека помеѓу детето и родителите, бидејќи детето ќе се чувствува несфатено и ќе мисли дека треба да ги крие своите стравови.
Стравот е природно чувство кое не треба да се потиснува бидејќи има одбранбена вредност. Ако го оцениме стравот како нешто негативно, детето ќе се срами од тоа чувство и полека ќе го задушува својот инстинкт. Бидете тука за детето, за тоа да ги дели своите чувства и грижи со вас, па така и ќе ви даде можност да го научите како да прејде преку нив.
2. Принудување на децата да прегрнуваат и да бакнуваат други луѓе
Родителите често знаат да ги тераат своите деца да прегрнат некого или да бакнат иако тие не сакаат. Повеќето имаат намера децата да ги научат на убаво однесување и љубезност, но тоа е сосема погрешно. Детето има право да одлучи на кој начин ќе го покаже тоа што го чувствува и тоа, пред сè, ќе зависи од карактерот на детето и од неговата природа.
Ваквиот начин на поздравување детето го доживува поинаку од возрасните, за кои е тоа вообичаен друштвен протокол. За детето, прегратката и бакнежот претставуваат љубов. Ако вашето дете не сака некому да му се приближи, тоа е сосема во ред. Тоа го слуша својот инстинкт, кој му е потребен за воспоставување односи со други луѓе. Не е неопходно детето да мора да прегрне некого за да биде културно и љубезно, доволно е да го научите да каже „добар ден“ или „до видување“.
3. Учењето дека возрасните се секогаш во право
Родителите ги учат децата дека возрасните треба да се почитуваат и дека возрасните се секогаш во право. Но, тоа може да биде меч со две острици, бидејќи токму возрасните може да го повредат детето.
Да се учи детето дека ако не ги слуша или игнорира возрасните е непочитување, тоа е задушување на неговата интуиција. Така децата се во опасност да доживеат малтретирање од страна на возрасните и да не кажат ништо, мислејќи дека така треба.
Детето треба да се научи дека секое живо битие заслужува почит, не само возрасните, туку и децата и животните. Исто така, треба да му се нагласи дека ако нешто му кажува дека постои опасност, детето нема обврска да послуша некого само затоа што е постар и секогаш треба сè да им каже на родителите.
4. Ветување дека секогаш ќе ги штитите
Иако родителите би сакале да ги заштитат своите деца од која било опасност и да ги избегнат сите проблеми, сепак тоа е невозможна мисија. Ветувањето дека секогаш ќе бидете тука е лажно и може да создаде лажно чувство на сигурност. На тој начин неговата интуиција нема да ја предизвика соодветната реакција кога тоа е потребно.
Секако, ова не значи дека не треба да го смириме детето кога чувствува страв или треба да го изложиме на непотребни ризици, но наша главна задача како родители не е засекогаш да го штитиме детето, туку да го учиме како да се штити самото себе.
5. Да не се остава слободно време на децата
Често ја губиме способноста да препознаеме што нè прави среќни и секојпат „ми се допаѓа“ да го замениме со „морам“.
Исполнувањето на детскиот распоред со активности кои се наметнати од страна на возрасните, без оставање доволно слободно време за игра, значи дека го задушуваме неговиот инстинкт и го подредуваме на општествените конвенции. Ова ќе ги претвори во лица што не одлучуваат со своето „јас“, туку го прават она што им го кажуваат другите, без да знаат што е тоа што навистина го сакаат и што навистина ги прави среќни.