Разводот е меѓу најстресните работи што може да му се случат на едно семејство. Освен што ќе ја изгубите личноста што ја сакате и со која имате деца и сте создале семејство, децата би можеле да поминат низ истите болни процеси како вас кога ќе дознаат дека нивното семејство никогаш повеќе нема да биде цело.
Во процесот на разводот животот може да стане целосен хаос за целото семејство. Понекогаш работите можат да излезат од контрола и да станат навистина лоши, а тоа не е добро за никого. Со малку труд сѐ може да биде многу полесно, а еве каков труд треба да се вложи, односно како да се насочи.
Прифатете ги вашите маани
Ова е важно да го правите при секоја расправија или кавга, а камоли кога станува збор за развод. Додека семејството минува низ процес на развод, родителите лесно паѓаат во замката на обвинување, па станува цел да се направи сѐ за да може другата личност да ја сноси единствената вина за распадот на бракот. Но, факт е дека никогаш не постои само еден виновник. Погледнете се во огледало и размислете за вашите „грешки“ и што можело да придонесе да бидете таму каде што сте. Во повеќето случаи двете страни се виновни. Пред да почнете да ја обвинувате другата личност, обидете се да го оцените вашиот сопствен придонес во вашиот брак. Кој е вашиот неуспех во бракот? Дали некогаш сте го запоставиле партнерот и не сте дале доволно љубов? Кога ќе научите да ги прифаќате вашите маани, тогаш можете да бидете сигурни дека разводот е вистинскиот пат за вашата врска.
Радувајте се на процесот на исцелување
Дури и „најобичното“ раскинување е болно, а камоли развод со деца и ако години и години брак се зад вас. Кога ќе се разбудите во кревет каде што другата половина е празна, тоа навистина може да ви го скрши срцето. Сепак, важно е да се обидете да се „составите“ повторно и да ја погледнете пошироката слика. Да, сега чувствувате болка поради оваа драстична промена, но дали е можно тоа да ви донесе и некои позитивни работи? И вам и на луѓето околу вас. Додека поминувате низ процесот на развод, можете да почнете одново и да се обидете да направите нешто што отсекогаш сте сакале да го направите. Разводот е совршено време да се преиспитате себеси и да видите што ви треба и што ве прави среќни. Можете да ја побарате куќата или станот за кој отсекогаш сте сонувале, да пробате ново хоби или да планирате патувања и авантури со пријателите и членовите на семејството. Тргнете ги мислите од разводот и пробајте нешто ново. Можеби звучи непријатно, но факт е дека тоа е вистинскиот пат да се чувствувате подобро.
Важно е меѓусебното почитување
Најдобар начин за мирен развод е меѓусебното почитување. Ја прекинувате врската, бракот, врската со личност, а не со некој што не заслужува никаква почит. Без разлика на тоа колку ви е вжештен разговорот, вашата расправија, запомнете дека партнерот сепак заслужува почит. Оставете ги настрана разликите и обидете се да се договорите за вашиот нов распоред, особено ако имате деца.
За време на процесот на развод и двајцата ќе мора да научите да се почитувате. Мора да се обидете да ја разберете другата страна. Вие страдате, тоа е факт, но тоа не значи дека другата страна не страда. Дури и да мислите дека не сте почувствувале доволно љубов за време на бракот, на партнерот ќе му биде многу тешко да ја прифати загубата.
Не откажувајте се
Понекогаш тоа не успева. Понекогаш ќе испадне дека колку и да се трудите, партнерот нема да ви ја даде истата почит и мир. За разводот да биде мирен, не смеете да возвраќате со повишен глас, навреди, поплаки. Бидете подобра и посмирена личност. Ваквото однесување на партнерот е само доказ дека разводот бил неопходен и дека вашиот заеднички живот е токсичен за сите. Без разлика колку лошо зборува партнерот за вас, не симнувајте се на тоа ниво и не долевајте масло на огнот. Ако дозволите омразата да биде во вашето срце и реагирате со омраза, ќе ви биде потешко да продолжите со животот.

Кажете сè
Дури и ако веќе не сте во брак, и двајцата треба да бидете упатени и вклучени во сè. Ако децата се на врвот на вашата листа со приоритети, тогаш треба да планирате кога децата ќе бидат со кој родител, вклучувајќи ги и празниците. Колку повеќе и двајцата сте вклучени во сè околу децата, толку полесно ќе им биде на децата. Ако сте се договориле за нешто големо и важно во врска со децата, треба заедно да разговарате за тоа.
И двајцата треба да знаете сѐ што се случува, без разлика дали се работи за заеднички имот, работа или деца. Колку повеќе комуницирате, толку полесен и помирен ќе биде разводот. Можеби не е лоша идеја да вклучите некои специфични ограничувања во договорот што не може да се надминат подоцна.
Единствено што треба да знаете е дека разводот е процес, и тоа болен процес. Дури и кога се разведуваат луѓе кои веќе немаат чувства еден за друг или имаат негативни чувства – повторно тоа е болен процес. И тој трае. Од моментот кога ќе одлучите да го направите тоа, до моментот кога ќе живеете без партнер, овој процес продолжува. Секогаш е хаотично и секогаш е болно, но секогаш постои начин да се направи мирно и достоинствено. Имајте на ум дека колку помирно оди овој процес, толку полесно ќе се приспособите на новиот начин на живот. Не заборавајте дека најважно е децата да чувствуваат што помалку страдање и тага. Тие неизбежно ќе го почувствуваат тоа, но важно е да не се жртви на вашата врска и да не се чувствуваат виновни за ништо. Тагата е нормално чувство и мора да се изрази, но ако сѐ биде како што треба, таа тага еден ден ќе биде многу помала. Сѐ зависи од родителите и од тоа дали се трудат разводот да помине мирно.
Автор: Наташа Крстичевиќ