Во прирачникот е опфатено сѐ што најчесто среќаваме во практика, но и проблеми потенцирани со пандемијата на ковид-19 – недостиг на правилен ментален развој и експресивен говор, за кои ќе треба напорна работа за да се исправат работите, вели доктор Ангелчо Андоновски, еден од авторите

Ангелчо Андоновски, Татјана Јаќовска, Силвана Филипова и Ана Попоска, четворица специјалисти од областа на педијатријата и детскиот развој, издадоа книга што ќе им помогне на многу родители да се справат со тешкотиите на раното детство. „Педијатрискиот прирачник“ е посветен на периодот од раѓањето до шестата година, кој е најчувствителен во животот, полн со бурни промени во сите сегменти од развојот.

Со помош на овој прирачник секој родител ќе може да се снајде во решавањето на секојдневните здравствени проблеми кај своето дете, покажувајќи адекватна грижа за потомството, за што разговараме со еден од авторите, педијатарот Ангелчо Андоновски.

Каква е содржината на „Педијатрискиот прирачник?“

– Тоа е една неопходност која им е потребна на сите млади родители што сакаат нивните деца да растат и да се развиваат правилно. Прирачникот е, всушност, едно дело кое произлезе од целокупната емпирија што се собираше досега, нешто кое навистина е еден вид прва помош, а и правилна насока за понатамошен тек на развојот, третманот и лекувањето на секое детенце од 0 до 6-годишна возраст.

Што Ве иницира да направите збир од совети и да ги соедините во книга?

– Многу време наназад постојано се стремев да бидам ревносен и посветен токму на здравјето на секој човек што ќе побара помош и ја гледав сета таа посветеност како нешто најважно и како дел од својот секојдневен живот, посветеност на дадената Хипократова заклетва, а и желба и верба дека секое добро со добро се враќа. Како педијатар, посветено работам најмногу на здравјето на нашата иднина, а тоа се децата, секоја нивна тага, болка, радост, насмевка беа и ќе бидат моето залагање и понатаму во животниот тек. Таа љубов прерасна, односно ме поттикна сите досегашни искуства и сите дадени, а и слушнати совети да се соединат во една книга која е со уникатно значење за сите, не само за родителите, туку и за сите оние што се грижат и работат со деца. Во моментов како педијатар кој работи со менталното здравје на децата, во Центарот за ментално здравје на деца и младинци – Младост, се сретнуваме со една нова епидемија, така ќе го прецизирам тоа. А тоа е менталната проблематика која се појави кај децата, а се потенцираше и во и по пандемијата на ковид-19. Тоа е недостиг на правилен ментален развој, појава на недостиг на експресивен говор, појава на аутизам и ред други патолошки процеси за кои најавувам дека во блиска иднина ќе треба агресивна и напорна работа за да се исправат работите.

Каква цел има Вашиот прирачник? За кого е наменет?

– Како и секогаш што велам, во секое мое излагање и говорење: „Сѐ за децата“ е максима која настана во еден период кога навистина се правеше сѐ за децата, токму тој период како прв човек на Детската болница – Козле овозможивме децата на едно место да ја добијат неопходната помош. Поведен оттогаш со елан, продолжив понатаму, па токму и овој прирачник го наменивме за сите млади родители, за сите што учествуваат во подигнување и чување на децата, како учебник за младите лекари и младите колеги кои ја практикуваат педијатријата и сакаат да ја укажат неопходната помош.

Кога станува збор за содржините, што сѐ може да се прочита? Каква едукација ќе им понуди на родителите?

– Учебникот е една сумирана работа и заложба на професионалци кои постојано работат и им помагаат на децата. Содржините што се избрани, а се прецизни, ја опфаќаат целокупната можна патологија која во овој развоен период може да се случи кај децата. Исто така, не само како прва помош, туку и како правилен тек и насока за понатаму. Опфатено е апсолутно сѐ што и во практика го среќаваме најчесто, би рекол од обична фебрилност, па сѐ до пелтечење кај децата.

Со какви тешкотии најчесто се соочуваат родителите во раното детство и од каква помош ќе им биде прирачникот?

– Првите проблеми почнуваат веднаш во првите месеци од животот на едно дете. Од првите стомачни грчеви, растење на забите, појава на температура, воспаленија на ушите и една цела редица несакани проблеми, но секако и веќе видени и нормални. Едноставно речено, прирачникот е решение за секој можен проблем, а и како да се почувствува вистинскиот момент кога детето да се однесе на лекар. Прирачникот нуди еден вид краток описен одговор на прашањата што, како, зошто? Секако дека најважно е да се даде брз одговор на секој симптом што ќе го препознаеме кај детето, а одговорот и вистинската насока се наоѓаат во прирачникот, но на матичниот педијатар ќе му олесни навременото јавување на пациентот за соодветен препознаен проблем, а со тоа и побрзо лекување и навремено даден третман.

Во време кога интернетот врие од разни совети, препораки, кој е Вашиот совет до родителите во избирањето на вистинските информации?

– Имаше една досетка каде што стоеше ако не сте го нашле одговорот на „Гугл“, побарајте го на „Јаху“. Секако дека има многу информации на интернет, тоа е глобална мрежа, но ќе кажам од медицинско искуство дека до вистинските реални и медицинско докажани информации нема секој пристап. Тоа се стручни податоци и апстракти, анализи и истражувања кои се наменети за професионалците. Секој податок во „Педијатрискиот прирачник“ е егзатно земен и обработен од авторите кои се со долгогодишно искуство и ги прават едноставни за разбирање од страна на родителите, да не кажам дека секој совет е приспособен, подреден да биде разбран од немедицинско лице и соодветно и без проблем да се пристапи кон примена на истиот совет. Така родителите во своите раце ќе имаат моќно оружје за справување со сите проблеми на кои ќе наидат нивните најмили.

Фото: приватна архива



912

X