Како педијатар и мајка на двегодишен син, д-р Мона Амин имала две различни улоги во текот на пандемијата на коронавирусот. Оваа лекарка за „Јаху лајф“ вели дека грижата за пациентите и за сопственото семејство во ова време е исцрпувачка.
„Една од најтешките работи е да се управува со непознатото додека им помагате на другите да управуваат со непознатото. Јас сум мајка и педијатар, така што мајките и татковците ми доаѓаат во ординација и поставуваат прашања на кои ниту самата немам одговори. Многу ми е тешко“, признава таа.
„Како педијатар знам многу работи за тоа што да се стори кога дете ќе се разболи. Но, немам кристална топка и во оваа пандемија никој од нас не знае како ќе изгледаат работите. Сè се менува многу брзо“, објаснува Амин. На нејзиниот син Рајан неодамна му бил дијагностициран ковид-19, што внело ново ниво на стрес во нејзиниот живот. Затоа и на „Инстаграм“ објавила порака за родителите во оваа пандемија.
„Пред некој ден ме прашаа како да му се помогне на детето да се справува со сè. Искрено, повеќе сум загрижена за нас отколку за нашите деца.“ Се осврнала на недостатоците со кои родителите се среќавале во текот на последните две години.
„Родителите се преплавени со стрес, па често доаѓаат на социјалните мрежи каде што гледаат фотографии од совршени родители. Понекогаш поради преоптоварување, чувствувате како да не правите доволно. Знајте дека е во ред ако не си играте со своето дете секој момент кога е будно. Знајте дека е во ред што повеќе време поминува пред екранот, ако тоа значи дека вие ќе се одморите малку. Знајте дека е во ред ако одлучите да попуштите бидејќи сте исцрпени“, продолжила. Апелира до родителите да се погрижат за менталното здравје.
„Сакам малку да попуштите. Морате да го заштитите своето ментално здравје. Не се грижам за децата колку за нас. Не обидувајте се сè да направите совршено. Вие сте во фаза на преживување, како и јас. Секогаш си вршев притисок врз себе, но сега мораме да го направиме она што е најдобро за нашето ментално здравје“, заклучила таа.
Автор: Тери Петерс