Д-р Воислав Перишиќ, познат педијатриски гастроентеролог, својата кариера ја посветил на работа со деца кои имаат гастроентеролошки проблеми. Редовен професор е на Катедрата за педијатрија на Медицинскиот факултет во Белград. Д-р Перишиќ во емисија на Првиот национален канал зборувал за доењето, важноста на мајчиното млеко и причините за намалена лактација кај мајките.
– Причините поради кои мајките немаат млеко секогаш се од психолошка природа. Но, ние мора да ја разбереме мајката што дои. Доењето е света должност на секоја мајка. Тоа е инкарнација на таа убавина на живеењето со мајка. Сепак, мора да ја разбереме мајката која вели: „Сѐ помалку имам млеко, моето бебе не е задоволно“, вели д-р Перишиќ.
На прашањето кои хормони влијаат врз лактацијата, професорот одговорил дека постојат два хормони кои секоја жена ги лачи, а тоа се пролактинот и окситоцинот.
– Внимавајте, тоа е многу интересен процес. Бебето е на градите, спремно за доење. Невралниот сигнал со тие информации оди во хипофизата и мозокот почнува да ги лачи тие два хормони кои влијаат врз млечната жлезда. Големината на градите не влијае врз производството на млеко. Секоја мајка може да го направи тоа – тврди д-р Перишиќ.
Но, како што објаснува, проблемот е во стресот.
– На моите ученици им зборувам вака – кога мајката доаѓа дома, мора да биде добра мајка, да го дои бебето и тоа да напредува. Мора да е добра сопруга и добра снаа, мора да прима гости. И сега, наеднаш, таа мајка има толку многу обврски и не знае на која првин да одговори. Прво мора да одговори на најважното барање – бебешко млеко. Мајката мора да се опушти, да се одмора и физички и психички, бидејќи стресот на мајката е главниот фактор што прави млекото да се намалува – тврди професорот Перишиќ.
Тој вели и дека влијанието на психата врз доењето најдобро се гледа по тоа што имало случаи кога мајка што не родила, посвоила бебе, почнала да дои – бидејќи производството на млеко е поврзано исклучиво со пораката што се испраќа до хипофизата, кога бебето се става на градите, а не со процесот на раѓање. „Иако тоа ретко се случува, може да се случи – истакнал професорот.
Тој додал дека кога мајка ќе му се пожали дека го губи млекото, тој прво разговара со таткото. „Тогаш го тргам настрана и убаво му велам – прави сѐ во домот, преземи ги обврските за да може мајката да се опушти, да биде со бебето и да го дои.“

– Има нешто во мајчиното млеко што не постои во ниту една млечна формула, а тоа е антителото што вообичаено се наоѓа во крвта, секреторниот IgA. Совршено ги штити мукозните мембрани и респираторниот тракт. Покрај тоа, еден милилитар мајчино млеко содржи сто пати повеќе леукоцити отколку што има во крвта – дури милион. И кога ќе влезат во дигестивниот систем на детето, исклучително успешно го бранат. Во таа смисла, тоа е моќно биолошко средство за одбрана на дигестивниот систем – тврди професорот Перишиќ.