Воспитување

Педагог открива кои работи треба да ги научат децата до 15-тата година

Животните вештини се вредни лекции кои вашето дете ќе ги користи во текот на својот живот. Важните вештини што треба да ги знаат децата вклучуваат донесување одлуки, решавање проблеми и лична хигиена.

Сепак, многу деца не ги учат овие лекции, ни како да се справат со ситуации од реалниот свет додека не тргнат во средно училиште. Не чекајте вашите деца да станат тинејџери за да ги научите на животни вештини, советува воспитувачката Ен-Луиз Т. Локхарт и открива на кои вештини треба да ги научиме нашите деца што е можно порано, поточно до 15-тата година.

Донесување одлуки

Донесувањето одлуки е животна вештина која секое дете треба да почне да ја учи уште од рана возраст. Педагогот советува да почнете со основни избори, како сладолед од чоколадо или од ванила, сини или бели чорапи, играње со возови или со автомобили. Кога децата ќе влезат во основно училиште, тие можат да почнат да учат за наградите од добрите одлуки и за последиците од лошите.

Одржување на хигиената

Вашите деца никогаш не се премногу мали за да почнат да учат за здравјето и хигиената. Им кажуваме на децата да се капат, да си ги мијат забите, да си ги мијат рацете и да ја менуваат долната облека, но никогаш не им кажуваме зошто, тврди Локхарт.

„Објаснете зошто здравјето и хигиената треба да бидат клучен дел од нивната рутина. Кога вашите деца почнуваат да ја учат оваа животна вештина, креирајте табела што ќе им овозможи да ја обележат секоја задача додека ја завршуваат. Кога ќе ги развијат овие здрави навики, вашите деца ќе ги завршуваат задачите без вие постојано да ги потсетувате“, објаснува таа.

Управување со времето

Секој родител знае колку е важно управувањето со времето за одржување на семејството на вистинскиот пат. Исто така, важно е децата да научат лекции за управување со времето додека се мали. Учењето на помалите деца како да го одредуваат времето и да се придржуваат до задачите и распоредот ќе ви помогне да го организирате вашиот ден.

Подготовка на едноставни оброци

Дури и најмалите деца можат да научат како да подготват оброк. Се разбира, овде не зборуваме за вечера, туку можете да ги научите децата од предучилишна возраст како да направат сендвич, а основците како да користат микробранова печка, на пример. Педагогот советува како што вашите деца стануваат посамоуверени во кујната, вие да додавате и други вештини за подготовка на оброци, на пример, да ги научите како да спакувате ручек за на училиште или да го подгреат оброкот додека вие сте на работа.

Заштеда и паметно трошење

Многу е важно детето да научи да брои уште на рана возраст, советува педагогот. „Ги учиме нашите деца на основите на математиката. Можеме да ги земеме тие лекции и да ги претвориме во животни вештини кои може веднаш да се користат. Управувањето со парите е нешто со кое се борат многу возрасни. Учењето на вашите деца за парите, нивната важност и како да управуваат со нив, ќе им помогне да се подготват за денот кога ќе почнат да си ја заработуваат сопствената плата“, објаснува таа, додавајќи дека е неопходно да ги научите децата да управуваат со парите ефикасно за да научат да штедат, но и паметно да трошат.

Чистење и средување

Понекогаш на родителите им е полесно да ги завршат сите домашни работи сами. Сепак, педагогот смета дека ова е пропуштена шанса да ги научиме децата како да ја одржуваат куќата чиста, што на крајот сепак ќе треба да го знаат кога ќе излезат од дома и ќе создадат свој простор за кој ќе се грижат.

„Започнете со задачи соодветни на возраста, кои вклучуваат учење како да го наместат креветот, да ја испразнат машината за миење садови или да го исчистат мебелот. Исто така, размислете за секојдневниот неред што го прават вашите деца и како тие можат да го средат сами“, советува Локхарт.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top