Месејќи тесто во нејзината беспрекорна кујна, Кендел Кеј замавнала со косата и се насмевнала на камерата на нејзиниот мобилен телефон. Таа подоцна поставила видео од печењето на тортата на нејзиниот профил на „Тик-ток“, кој има 500.000 следбеници, со наслов: „Го избрав лесниот живот и дозволив сопругот да се грижи за финансиите, за да можам да се препуштам на мојата женска енергија и да го поминам денот во кујната“.

Имено, Кендел ја напуштила успешната манекенска кариера за да стане „девојка што останува дома“, но на крајот станала многу незадоволна од својот живот. Кендел најчесто го поминувала времето во кујната, чистејќи ја куќата и грижејќи се за себе.

-Многу е ризично да се одлучите за тој начин на живот, ако немате мрежа за поддршка на која можете да се потпрете – вели таа.

@kendelkay

fairy activities only 🩰👸🏼🎀🍪🫶🏼

♬ Sweet Sunset – Tollan Kim & dulai

Видеото е објавено во јули 2023 година и собрало милион прегледи и повеќе од 1.500 позитивни коментари.

Нејзиното момче Лук Линц, сега извршен директор на повеќемилионска ПР-компанија, ги плаќал киријата, сметките и гламурозните патувања додека Кендел чистела, готвела и споделувала делови од нивната идила на интернет. Сепак, Кендел сега е сингл и признава дека станала длабоко незадоволна од животот кон кој се стремат многу млади жени.

Всушност, кога нивната врска завршила во ноември 2023 година, таа се нашла во криза на идентитетот, живеејќи од своите заштеди и жртвувајќи ја својата финансиска независност. Покрај грижата за куќата, жените се особено мотивирани за овој начин на живот бидејќи имаат доволно време да се грижат за својот изглед.

-Моето семејство не беше изненадено, секогаш бев авантурист. Можеби мислеа дека сум луда, но никој ништо не ми рече в лице. Лука ме поддржуваше финансиски од самиот почеток. Плаќаше вечери, меѓународни патувања и сите заеднички трошоци како намирници, оброци и такси-услуги. Но, кога стануваше збор за личниот луксуз, како маникир и облека на пример, ги купував сама, бидејќи сè уште заработував пари од моите видеа и маркетинг-работата, а имав и заштеди – истакнала таа.

По околу шест месеци врска, Лук ја замолил да ја напушти работата како модел. Кендел верува дека бил несигурен во нејзината кариера и таа се согласила, бидејќи тој заработувал многу повеќе и бил подготвен да се грижи за неа. Но, наскоро нејзините денови биле фокусирани околу тоа „да се грижи за себе и да се грижи за Лук“, кој ѝ дал кредитна картичка.

-Ќе му направев кафе и појадок, потоа спроведував долга рутина за нега на кожата и домашни работи, па вежбав. Подготвував вечера. Отсекогаш се надевав дека еден ден ќе бидам мајка која останува дома, и се чинеше дека работите одат во таа насока – рекла таа.

Така, во 2022 година, таа почнала да прави видеа на социјалните мрежи за нејзиниот живот.

-Губењето на независноста беше најлошата работа во мојата одлука да останам дома. Толку е тешко да се потпреш на друго човечко суштество – вели Кендел.

Кендел имала 23 години и работела како модел кога го запознала Лук во Мексико. Тие веднаш се споиле, а на крајот од патувањето Лук побарал од Кендел веднаш да отпатува во неговиот дом во Порторико и да живее со него.

-Мојот распоред беше флексибилен и сакав да бидам со него, па одлуката да се преселам беше лесна, иако го познавав само неколку недели – вели Кендел.

-Некои жени ме поддржаа велејќи дека би сакале да живеат како мене, а други дека ова што го правам е глупаво – вели таа.

Иако нема знаци дека Лук ја навредувал или сакал да ја контролира, Кендел признава дека по некое време привлечноста меѓу нив, како и начинот на живот, почнале да бледнеат.

-Домашната работа ми го опфати целиот живот. Не можев да излезам од дома повеќе од неколку часа, како да чувам дете. Почнав да се чувствувам ограничено, како да ме чуваат во кутија. Работев повеќе во нашата врска отколку надвор од неа и без приходи. Не се чувствував како да имам толку голема финансиска слобода како кога бев сингл. Лук беше зафатен со работа, па кога го поминуваше времето со мене уживав, но кога бевме разделени, бев лута – рекла Кендел.

Така, таа и Лук се договориле на привремен развод, при што таа отишла во Калифорнија да го посети семејството. Таа вели дека додека била таму, тој ѝ раскинал по телефон.

-Мислам дека сфати оти и двајцата сме несреќни. Беше тешко да се слушне тоа, но имаше дел од мене на кој му олесна што повторно бев слободна – вели таа.

Со семејството останала 2 недели, а потоа повторно го изнајмила својот стан. Таа сè уште имала некои заштеди, но морала повторно да се справува со грижата за себе. Некои други девојки кои поминале низ слично зборувале за тоа како останале без покрив над главата, без пари и со големи празнини во резимето што го отежнувало наоѓањето работа по раскинувањето.

Рејчел Лук, која се занимава со дигитален маркетинг, верува дека онлајн фасцинацијата со таквите врски е поврзана со желбата да се избега од реалноста. Многу жени уживаат во идејата да се грижат само за домаќинството и својот изглед и да не се грижат за финансиите.

Трендот девојките да остануваат дома стана многу чест феномен на социјалните мрежи. Кога ќе ја напишете таа фраза, ќе добиете 37,3 милиони резултати на „Тик-ток“, а во некои случаи и повеќе. Гламурозните видеа прикажуваат гламурозни жени кои чистат, готват, вежбаат и се впуштаат во сложени ритуали за нега на кожата, што натерало многумина да го прогласат тој начин на живот за свој „сон“. Сепак, критичарите го означуваат овој тренд како антифеминистички и опасен, предупредувајќи дека тој промовира потенцијално нездрава динамика на моќ, каде што жената е зависна од својот партнер за сите финансиски прашања и нема право на каква било поддршка или поделба на имотот по разводот.

Постои родова хиерархија во односите каде што мажите ги поддржуваат девојките кои остануваат дома. Девојките кои остануваат дома, исто така, се соочуваат со финансиски ризици во споредба со мажените жени, бидејќи немаат правна заштита. Недостигот на финансиска независност е вообичаена тема поврзана со принудната контрола на партнерот и е еден од знаците на злоупотреба на врската.

-Зависноста може да предизвика проблеми со самодовербата, вели психотерапевтот Сузи Мастерсон.

Преземајќи ја улогата на хранител, мажот имплицитно сугерира дека жената или не е способна или е помалку способна да се грижи за себе.

Автор: Маријана Матковиќ

Извор



912

X