Вдишувањето туѓи телa предизвикува брза и драматична клиничка слика, борба за воздух, борба за живот… Toa е една од најургентните состојби за која помагаат оториноларинголози, но често е потценета

Ѓердани, клинчиња, копчиња, метални парички, безопасни, делови од играчки, зрна грав, кикиритки, лешници, се само мал дел од она што лекарите на Клиниката за уво, нос и грло успеваат да го извадат од белите дробови на децата. Ги вдишуваат низ игра и доволно е само мало невнимание на оној што го чува детето за да дојде до многу ургентна состојба. Кога ќе почнат интензивно да кашлаат, да помодруваат… тие мора итно да бидат однесени на лекар. Лекарите на Клиниката за уво, нос и грло велат дека малку треба за вдишаното туѓо тело да предизвика трагедија.
До пред 80 години сите овие состојби завршувале летално (смртоносно). Денес и во западните развиени земји аспирација на туѓо тело е трета причина по ред за инцидентна смрт кај деца од 1 до 3-годишна возраст.

Лажно смирување на драмата

Прим. д-р Горан Мицевски од Клиника објаснува дека обезбедување на проодноста на дишните патишта поради вдишано туѓо тело е една од најургентните состојби за кои реагираат оториноларинголозите. Ни покажа фотографии со рендген-снимки на кои се гледаат вдишаните тела, но и извадените од дишните патишта.

Дека детето вдишало туѓо тело се препознава по драматичната клиничка слика: се појавува кашлица како последица на одбранбените реакции на организмот, цијаноза или помодрување, неконтролирано мокрење, повраќање, понекогаш и губење на свеста.

Прим. д-р Горан Мицевски

– Децата се и многу исплашени поради чувството на задушување. Во оваа фаза лекарот не го гледа пациентот. По неа следува фаза на смирување на драматичната состојба. Родителите се ослободуваат од паниката, детето во налети поретко кашла и тука се губи драгоцено време за јавување на лекар. Потоа настануваат компликациите. Кашлањето се интензивира, дишењето станува сè потешко, се покачува телесната температура. Најчесто во оваа фаза родителите ги носат децата на лекар, откако се започнати компликациите од туѓо тело – објаснува д-р Мицевски.
На Клиниката за уво, нос и грло има ендоскопски екипи кои во секој момент од денот се подготвени за интервенција поради ваквите ургентни состојби.
– Секоја секунда е значајна за успешно отстранување на туѓото тело. Се работи со високо верзирана ендоскопска екипа која строго се придржува до протоколите за бронхоскопија што се во функција на клиниката – вели нашиот соговорник.

Невниманието, незнаењето и непознавањето на опасноста се главни фактори за настанување на овие сериозни состојби.
– Секогаш се среќаваме со зборовите на родителите: „Моето дете постојано јаде кикиритки и досега никогаш немало проблеми“ или „додека шијам, иглата постојано ја чувам в уста“ – објаснува д-р Мицевски.
Најчесто децата ги вдишуваат туѓите тела при игра со полна уста со храна, при хранење, при пад во игра, кога е доволно само мало невнимание на оној што го чува детето за да дојде до многу ургентна состојба.

Најопасни се зрната од грав – набабруваат

На Клиниката секојдневно се среќаваат со проблеми поради туѓи тела. Тие можат да бидат егзогени и ендогени, а по потекло лекарите ги делат на неоргански, органски и живи. Од неорганските туѓи тела, објаснува д-р Мицевски, најчесто вадат игли, клинчиња, копчиња, метални парички, безопасни, делови од играчки. Од органски вегетабилните доминираат зрна од грав, семки од лубеници и од тикви, сончоглед и пченка, кикиритки, лешници, бадеми, зрнца кафе…
– Вегетабилните туѓи тела (кикиритки, бадеми, сончоглед, зрна грав, кафе…) даваат многу потешка клиничка слика на заболување и значително посериозна прогноза. Нивниот престој во влажна и топла средина предизвикува бабрење и лачење на етерични масла, кои во респираторниот тракт предизвикуваат „вегетабилни бронхитиси“, воспалителна реакција на слузницата на дишните патишта. Засилената опструкција на бронхиите, покрај бабрењето, иритацијата на слузницата и обилната секреција, предизвикуваат тешки бронхопулмонални компликации. Најголема тенденција за бабрење и предизвикување вегетабилен бронхитис во нашата патологија покажуваат зрната грав – вели докторот.

Од невегетабилните органски туѓи тела децата вдишуваат делчиња од хартија, делови на коски, забни протези… Вдишаните пијавици, пеперутки, оси, пчели, црви, лекарите ги класифицираат во живи туѓи тела.

Залажува стишувањето на симптомите, па и лекарите може да згрешат

– Лекарот обично го гледа пациентот во стадиумот кога се стишани симптомите, па неретко доаѓа до дијагностички грешки и превид. Втор манифестен стадиум поради вдишано туѓо тело кога ќе се појават рани компликации. Во овој стадиум се гледа диспнеа (глад за воздух), се јавуваат бронхитиси, ателектаза (губење на волуменот на белодробното крило), емфизем на белите дробови (трајно зголемување на дишните патишта), пневмоторакс (собирање воздух во белите дробови). По оваа состојба исчезнуваат симптомите на вториот манифестен стадиум бидејќи се дава симптоматската терапија – вели д-р Мицевски.

Спонтано, според него, се искашлуваат само 2-4 % од вдишаните туѓи тела.

Бронхоскопија – суверена метода за сомнеж на туѓо тело

При дијагностиката важен податок за лекарите се информациите што ќе ги даде семејството или оние што биле со детето. Секое прикривање на драмата што се случувала претходно може да го оддалечи докторот од сомнежот за можно аспирирано туѓо тело.

– Снимањето со рендген не секогаш дава податок за вдишано туѓо тело. Педијатрискиот наод ни е од исклучителна важност пред да пристапиме кон интервенција. Бронхоскопијата е единствен метод на избор при отстранување на туѓите тела и покрај огромниот ризик од можни компликации при нејзина реализација – вели докторот.

Доколку вдишаното тело не се отстрани, се појавуваат неспецифични бронхо-пулмонални компликации познати како „синдром на игнорирано туѓо тело“.

Што советуваат лекарите?

– Се апелира во детската возраст да се подалеку од дофатот на децата сите ситни предмети и зрнестата храна. Никогаш да не сте сигурни дека на детето нема да му се случи оваа состојба. Не изложувајте ги децата на овие витално загрозувачки драматични состојби. Многу лесно може да настане од играчка-плачка – додава д-р Мицевски.



912

X