Здравје

Парацетамолот и аутизмот: По години страв, науката конечно дава јасен одговор

Парацетамотол е еден од најчесто користените лекови против болки и за намалување на температурата, а и многу бремени жени го земаат кога е потребно.

Иако во последниве години се изразува грижа дека неговата употреба во текот на бременоста може да го зголеми ризикот од аутизам или АДХД кај децата, нова, обемна научна анализа дава смирувачки вести.

Парацетамолот се користи низ целиот свет – и за време на бременоста

Парацетамолот (исто така, познат како ацетаминофен) е еден од најчесто користените лекови во светот. Само во Велика Британија годишно се продаваат околу 6.300 тони парацетамол, што е еквивалентно на 70 таблети по лице годишно. Во САД речиси една четвртина од возрасната популација го зема секоја недела, според бројките од индустријата.

Со оглед на неговата широка употреба, не е изненадување што изјавата на американската влада во септември 2025 година – дека употребата на парацетамол за време на бременоста може да го зголеми ризикот од аутизам – предизвика загриженост кај идните родители.

Голема европска анализа – нема докази за поврзаност

Најновото истражување, спроведено од научници од Велика Британија и Европа, кое вклучуваше голем број претходни студии, не пронајде докази дека земањето парацетамол за време на бременоста го зголемува ризикот од:

-нарушувања од аутистичниот спектар
-нарушување на вниманието и хиперактивност (АДХД)
-интелектуални тешкотии.

Гинекологот и акушер д-р Ананд Синг, кој не учествуваше во истражувањето, изјавил дека ова е методолошки многу силна студија која ги коригира главните недостатоци на претходните истражувања, како што се влијанието на генетиката, семејната средина и причините за земање парацетамол воопшто (болка, температура, инфекција).

Зошто оваа студија е важна?

Истражувачите анализирале само висококвалитетни студии кои имале јасно дефинирани критериуми. Вклучените студии:

-следеле бремени жени и нивните деца подолг временски период;

-користеле сигурни податоци за внесот на парацетамол (медицински картони, биомаркери, прашалници);

-споредувале браќа и сестри за да го намалат влијанието на генетиката и семејните фактори;

-имале јасни и медицински потврдени дијагнози.

Претходните тврдења не биле последични

Професорот по јавно здравје д-р Џагдиш Кубчандани истакнува дека оваа анализа дава силни докази и ги отфрла стравовите што се ширеле на социјалните медиуми кон крајот на 2025 година. Авторите на студијата нагласуваат дека претходните метаанализи, кои сугерирале поврзаност, честопати имале голем број методолошки ограничувања и не можеле да исклучат други причини.

Спротивно на тоа, најголемите и најригорозните студии, заклучуваат истражувачите, силно се спротивставуваат на постоењето каузална врска.

Зошто е важно да се третира температурата во бременоста?

Иако некои институции во САД продолжуваат да изразуваат загриженост, повеќето експерти нагласуваат дека овие резултати треба да се сметаат за охрабрувачки. Нетретираната температура во бременоста може да биде опасна и за мајката и за бебето. Поврзана е со зголемен ризик од спонтан абортус, вродени дефекти и други компликации. Експертите предупредуваат дека избегнувањето парацетамол од страв, без медицински совет, може да предизвика повеќе штета отколку корист.

Појавата на аутизмот не е од само еден причинител

Психијатарот д-р Силвија Бејкер, специјализирана за аутизам и АДХД, нè потсетува дека аутизмот е комплексно нарушување од повеќе причини. Генетиката игра голема улога, поради што аутистичните особини често се јавуваат во семејствата. Покрај тоа, предвременото породување, одредени генетски синдроми и некои компликации за време на бременоста или околу породувањето можат да го зголемат ризикот.

Во многу случаи, нагласува таа, не постои една јасна причина.

Што значи ова?

Оваа голема научна анализа ги намалува непотребните грижи и потврдува дека парацетамолот, кога се користи како што е препорачано од лекар, е безбеден избор во текот на бременоста. Најважните пораки остануваат исти – слушајте ги советите на лекарите, третирајте ги температурата и болката кога е потребно и потпирајте се на научни докази, а не на сензационални наслови.

Автор: Томислав Станиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top