Во свет во кој никој не е имун на влијанието на вештачката интелигенција и нестабилниот пазар на труд, и најбогатите Американци почнуваат да ја делат истата грижа како средната и пониската класа: Дали нивните деца ќе можат да изградат кариера и да бидат финансиски самостојни?
Том Тигс од „Асент прајвт капитал менаџмент“ вели дека и милијардерите, иако имаат средства да ги поддржат своите деца, се прашуваат што уште е потребно за тие да успеат во животот. Финансискиот менаџер Патрик Двајер додава дека родителите сфаќаат оти правилата на игра повеќе не се исти како кога тие влегувале на пазарот на труд. Се отвораат прашања како: Што ако детето на 33 години мора да се преквалификува?
Двајер, кој работи со семејства со богатство од 100 милиони до над милијарда долари, вели дека нивните деца (на возраст од 22 до 35 години) сè потешко доаѓаат до стабилни и престижни работни места, дури и во полиња како технологија право и здравство. Тоа ги тера богатите родители порано да размислуваат за пренос на дел од богатството.

Сепак, советниците нагласуваат дека не станува збор за страв од недостиг на пари, туку за загриженост дека децата нема да имаат иста слобода на избор, чувство на цел и самодоверба како претходните генерации. Постои и страв дека големото богатство може да ги намали мотивацијата и работните навики.
Затоа експертите препорачуваат долгорочно планирање, од наследство до инвестиции, и создавање систем што нуди можности за развој, а не само финансиска сигурност. Сè повеќе богати семејства се плашат дека прекумерната помош може да им наштети на децата повеќе отколку недоволната.
Во меѓувреме, генерацијата З сè почесто избира пофлексибилни или побрзи извори на приход, од инфлуенсерство до добро платени занаетчиски и технички професии. Истражување на „Делоит“ од 2025 година покажува дека само 6 отсто од младите што ѝ припаѓаат на генерацијата З имаат цел да станат корпоративни директори; повеќето ја ставаат во преден план рамнотежата меѓу работата и приватниот живот и личното исполнување.
Сето тоа значи дека денешните милијардери мора поинаку да го планираат наследството, со фокус на флексибилно финансирање на образованието, менторството и постепен пренос на богатството, пристап што поттикнува можности без да ја задуши иницијативата.