Лесно можев да доживувам нервен слом секој ден за време на рестриктивните мерки поврзани со пандемијата ако не контактирав телефонски со пријателката. Со нејзината поддршка научив како да се справувам во стресни времиња.

Денес плачев – немаше некоја добра причина за тоа, туку затоа што ги изгорев колачињата. Тоа беше мојата последна кутија, онаа што ја чував за посебни пригоди и додека брзав да ги ставам алиштата во машината за сушење, го почувствував чадот од кујната. Кога дотрчав да ги извадам, веќе беа непрепознатливи. Седнав на кујнскиот под и почнав да плачам. Да бидам искрена, ова беше првпат да си дозволам да ме надвладеат емоциите во изминативе неколку месеци откако се промени светот поради коронавирусот. Не плачев кога беше откажана матурската забава на ќерка ми или кога плановите за семеен одмор пропаднаа. Не ронев солзи затоа што не можев да го прославам 83-тиот роденден на мојата мајка од страв дека ќе ја разболам. Како да имав копче за пауза на моето срце. Ќе ја издржев стоечки оваа криза, немаше да покажам знак на слабост. На крајот на краиштата, јас сум мајка, нели мојата работа е да бидам силна?

Но, ете се изгубив поради катастрофа при печење. Тоа беше ужасна ситуација, но и олеснување истовремено, цунами од жалење и благодарност. Си реков себеси дека сум во ред. „Сето ова е ужасно, но јас сум здрава, како и моето семејство. Среќна сум што имам дом надвор од градот и заштеда во банка“. Станав, ги избришав солзите и излегов на прошетка со моето куче. Кога кучето весело одеше по тревата, сфатив дека заборавив да земам кесите за изметот од кучето. „По ѓаволите!“ вреснав силно. Уште еднаш солзите почнаа да ми се тркалаат по лицето.

Телефон почна да ми ѕвони, па се јавив. „Имам БЛА ден“, ми рече мојата најдобра пријателка Холи. „Ми требаше само да го слушнам твојот глас“. Холи има шесто сетило за моментот кога ми е најпотребна. Заедно сме отсекогаш, 25 години откако ја имавме нашата прва работа како уредници-асистенти на детско и женско списание. Ги споделивме заедничките моменти на нашите свадби, раѓањето на нашите деца и смртта на нашите родители (нејзината мајка, мојот татко). Нема нешто што не би ѝ го кажала, но во тој момент не можев вербално да изразам како се чувствувам. Додека таа не повтори: „Ништо не се случува лошо, но едноставно сум БЛА, ме разбираш?“

Да, тој збор кажува многу. Чувство на неизвесност и непријатност. Да беше периодот пред вирусот, Холи ќе се качеше на воз и ќе се сретневме во Њујорк, каде што ќе пиевме чај во нашето омилено место. Ќе си зборувавме за нашите чувства, ќе јадевме англиски појадок. Таа ќе ме слушаше внимателно, ќе потврдуваше со главата со сочувство и ќе ме тешеше дека работите наскоро ќе тргнат на подобро.

Сега, ниту една од нас не го знае тоа сигурно. Сè што знаеме е дека во овој момент работите се малку тешки и надвор од контрола. Секоја мала работа што ќе се случи ми предизвикува неверојатна потреба да врескам: „Го мразам ова! Сето ова! Си го сакам стариот живот назад!“

Сигурно ќе бев во кујната повторно доживувајќи нервен слом да не ми се јавеше Холи за да го сподели нејзиното расположение. „Ми недостига мајка ми“ ѝ реков по телефон. „Ми недостигаат станот, вечерите надвор и матинеата на Бродвеј. Ми недостига сето она за кое порано се жалев“. Лута сум, всушност бесна сум, на сето она на кое универзумот нè натера да се соочуваме во оваа пандемија, но многу повеќе сум лута на себе што сè земав здраво за готово. „Повеќе од сè“, ѝ велам на пријателката – „ми недостига пиењето чај со тебе“. Таа активност беше наша сесија со терапија: длабоко ослободување на душата, есенцијално за нашиот разум.

Холи имаше предлог: виртуелен час и споделување секоја сабота во 15 часот. Двете ќе направевме чај и ќе го ставевме во омилените шолји и потоа наздравуваме преку „Зум“. Првата сесија имаше мали технички проблеми, а потоа и децата почнаа да нè прекинуваат, па започнуваше смеата. Таа има 3 тинејџери – две момчиња на колеџ и ќерка која е прва година средно. Моето дете ќе оди на колеџ наесен – почнат со работа.

„Не знам што ќе правиме цело лето“ ѝ велам. Под „нас“ подразбирам моето дете кое планира да стажира во списание во Њујорк и долгата посета до Лос Анџелес и дружењето со пријатели. Ништо од тоа нема да се случи. Холи, пак, е оптимистична: „Работите ќе се сменат многу за неколку недели“, инсистира. Ја гледам како го цеди лимонот во нејзината шолја и тоа ме смее. Забавно ми е тоа што сака во нејзиниот чај да има многу лимон, но нејзиниот изглед воопшто не е кисел.

Продолжуваме со чајот, 40 минути дополнително по завршувањето на сесијата на „Зум“, па повторно се приклучуваме. Амбиентот во нашите домови можеби не наликува на просторија за пиење чај, но ние сепак уживаме во активноста.

„БЛА“ е зборот со кој јас и пријателката ќе ги нарекуваме овие времиња. Јас не сум единствената што чувствува дека тој збор ми дава мир и ме тера да одам напред. Ги изгорев колачињата. Скршив нокот додека миев садови. Па што? Ја имаме контролата и се имаме меѓусебно. Ако еден „бла“ ден се случи, ќе знам дека е повремена ситуација, не толку нежен потсетник дека работите се менуваат со брзина на светлината, а ние треба да се приспособуваме.

Ќе закажеме уште еден состанок на „Зум“ за следниот викенд и оној по него, знаејќи дека ако го планираме, ќе се оствари, оставајќи го бла-денот далеку, далеку зад нас.

Автор: Шерил Берк

Извор



912

X