Пред неколку недели удрив во пандемискиот ѕид. Не е првпат да се соочам со такво нешто откако СЗО прогласи пандемија на Ковид-19 и светот се затвори. Се сомневам дека нема да биде и последниот пандемиски ѕид во кој удирам, пред некоја верзија на „нормално“ да се врати. И знам дека не сум сама. „Хафингтон пост“ неодамна објави дека многумина од нас се удираат во пандемискиот ѕид поради исцрпеност, студената и долга зима и други предизвици со кои се соочуваме периодов.
Утешително е да се знае дека експертите за ментално здравје велат оти е нормално да се удира во пандемиски ѕид во моментов. Но, јас не се удрив во него, туку се треснав со сета сила. На што се мисли? Тој пандемиски ѕид се состои од: годишнината од смртта на мојот сопруг, тагата и жалењето на моите деца, снежна бура која донесе над еден метар снег, како и неизвесната иднина. А она што го сфатив кога се треснав е дека: пандемиските ѕидови и самохраното родителство не се добра комбинација.
Прво, што претставува изразот „пандемиски ѕид“?
Се работи за израз популаризиран од водителката на „Њујорк Паблик радио“, Танзина Вега, за да се опише конкретното чувство кое се случува одненадеж, а претставува спиритуално и емотивно исцрпување во животот за време на Ковид-19. Тоа е чувство дека сите вообичаени работи одненадеж бараат поголема ментална, емоционална и физичка енергија отколку што имате. Чувство на безнадежност и исцрпеност. Барем така беше за мене. Веројатно пандемиските ѕидови се поразлични за сите други.
Експертите обезбедија стратегии за да ги искористите кога ќе се соочите со својот пандемиски ѕид. Психијатарот д-р Патрис Харис препорачува движење, доволна храна и сон, како и креирање нови рутини кои може да помогнат да се избегне пандемискиот ѕид. Таа, исто така, препорачува намалување на личните очекувања – прифаќање дека не можете да завршите сè и да се поврзете со својот социјален круг. Тоа е одличен совет, но не е од помош за самохраните родители. Во реалноста, дури и моите очекувања пред пандемијата за сето она што можам да го направам во текот на денот беа навистина ниски. Многу брзо ги научив границите од живеење живот кој е граден за двајца, а се спроведува од само едно лице. Срцето на проблемот е сведен на ова: пандемискиот ѕид е тука и соло-родителите немаат друг избор освен само да удираат во него додека не се скрши. Речиси една година самохраните родители ги намалуваа своите очекувања, но повторно се појавува друг бран. Сега, ништо не остана.

Не можам да ги намалам очекувањата за себеси повеќе, бидејќи веќе сум на минимумот – доволно колку децата да имаат доволно безбеден простор, за да го водам домаќинството, за сите да бидеме добри.
Не можам да одвојам дополнително време за спиење или за оброци изедени во седечка положба бидејќи веќе има многу работи што треба да се завршат во тие часови од денот. На крајот од денот, неделата, месецот, нема кој друг да го направи сето тоа. Само јас сум – и преку ден и преку ноќ. Сето ова не е наменето да биде жалба (добро, можеби е малку). Бидејќи јас сум, всушност, благодарна секое утро. Моите деца и јас сме многу среќни – имаме храна и безбеден дом. Имаме стабилна интернет-врска со која е можно да се следи онлајн-наставата и комуникацијата со пријателите. Ја имаме поддршката од пријателите и семејството, дури и ако не можеме сега да се видиме лично.
Најдоброто што можеме да го направиме е да се потсетиме себеси дека ова нема да трае вечно
Знам дека ова не е случај за сите самохрани родители, па дури и цели семејства. Но, мојата поента со овој текст не е да креирам натпревар. Да се признае појавата на пандемискиот ѕид е особено тешко за самохраните родители, но тоа не значи дека не е исто така тешко за сите други. Можеби мојата поента е следната: прифаќање на фактот дека нема лесен пат помеѓу самохраното родителство и пандемиските предизвици.
Најдоброто што можеме да го направиме е да се потсетиме себеси дека ова нема да трае вечно. Таа мисла функционира за мене, за да можам да поминам низ неодамнешниот некршлив ѕид. Пандемијата ќе заврши. Пролетта ќе дојде. И можеби ќе стигнеме до финалната линија, малку поизморени отколку што мислевме, но ќе стигнеме, со тек на време. Во тоа сум сигурна.
Автор: Илејн Рот