Сѐ поголем е бројот на родители што бараат помош за своите деца кои доживеале стрес и траума што директно им влијаеле врз говорот, нарушувајќи ја неговата флуентност (пелтечење), вели Карагирова

Пандемијата остави сериозни траги во развојот на децата и го зема данокот кај најмалите – нивната имагинација. Стресот од неа отвори неколку проблеми кај најмладите, кои бараат системско решавање, едукација и превенција.

Екранизацијата како нова појава кај дечињата си го зема данокот, особено во пандемијата, кога родителите за да го купат својот мир, несвесно им ја наметнаа технологијата.

Александра Карагирова, специјален едукатор и рехабилитатор, која го води првиот центар во вардарскиот регион за стимулација, раст и развој на децата со атипичен и типичен развој „Старс“, вели дека во денешно време се бројат на прсти децата што играат пред зграда, со песок, џамлии, криенка, лулање на лулашки, лизгалки, скокање на јаже и сл. Токму во овој дел модерното време си го зема својот данок.

– Најчест проблем што се јавува кај децата од претшколска возраст е отсуство на говор, отсуство на имагинативна игра, намалено внимание, фокус и концентрација, истражувачки вештини, социјални вештини сведени на минимум, стравови. Иако живееме во модерно време, за жал, сега децата се изложени на електронски уреди во најголем дел од денот, следат содржини каде што не се користи мајчиниот јазик и сето ова доведува до проблеми во когнитивниот развој, губат навика за боење, разгледување сликовници, комуникација, како и дружење со другарчињата. Многу е важно да напоменам дека тогаш се лачат хормоните на стрес, адреналин и кортизол, и на тој начин децата не знаат да направат разлика дали она што го гледаат е реално или не – раскажува Карагирова за тоа како овие проблеми влијаат врз сензорно-моторниот развој кај децата.

Во центарот за стимулација многу е поголема бројката на деца што доаѓаат поради развојни отстапувања, но има и деца што се со типичен развој и посетуваат третмани за стимулација и правилен напредок во развојот.

– Сѐ поголем е бројот на родители што бараат помош за своите деца, соочувајќи се со нови правила и навики, децата доживеале стрес и траума кои директно влијаеле врз говорот, нарушувајќи ја неговата флуентност (пелтечење). Сите овие стресни ситуации и соочување со пандемијата предизвикуваат негативни емоции, стравови и когнитивни реакции, кои најмногу влијаат врз говорот. На 4 и 4,5-годишна возраст тие се многу мали за да разберат што се случува околу нив и не знаат како да ги канализираат своите емоции, како што ние возрасните го правиме тоа. Во овој дел имаме успешно совладување на пелтечењето, како и справување со постковид-синдроми преку најсофистицирана метода. Најважно од сѐ е што децата тука чувствуваат позитивна енергија, многу љубов и среќа, а родителите гледаат место каде што нивните деца се прифатени, и тоа им дава надеж дека успешно ќе се интегрираат во општеството – објасни Карагирова.

Во центарот се вработени специјални едукатори и рехабилитатори, клинички логопеди – специјалисти и неврофидбек терапевти кои имплементираат најразлични методи за работа со сите деца. Од дефектолошкиот дел се користи сензорната интеграција како метода за надминување на сите сензорни проблеми, сегменти од методологии на: ABA, PECS, TEACCH, саундсори, арт-терапија, музико-терапија, психомоторна реедукација. Во логопедскиот дел речиси три години се работи на корекција на артикулативни отстапувања, стимулација и развој на говор, форбреин. Неврофидбек методата се користи како најсофистицирана метода, односно тоа е метода за контрола и стимулација на мозочни бранови, каде што за секое дете се поставува протокол на работа.

Пандемијата е стресна за сите деца, но едукаторите тука го ставиле акцентот на децата со аутистичен спектар. Карагирова, како член на Македонското научно здружение за аутизам, активно учествувала во серијата вебинари за справување со оваа криза, но и со совети и насоки за родителите како да се справат со критичните ситуации во домашни услови.

– Овие деца го обожаваат својот распоред, своите рутини и на тој начин тие беспрекорно функционираат. Пандемијата ни беше и, за жал, сѐ уште претставува голем проблем за секој од нас, особено за лицата со аутизам, како и за сите лица со попреченост заедно со нивните семејства. Најголем процент од родителите констатираат дека нивните деца стагнираат во развојот, дури и заостануваат или пројавуваат некои нови, невообичаени промени. За родителите е потребна едукација. Покрај низата вебинари на МНЗА, имаме одржано и многу едукативни работилници и обуки за родителите, но за жал одѕивот не е секогаш на задоволително ниво. Од друга страна, имаме и родители што навистина се едуцираат, но постои моментот на неприфаќање на дијагнозата и сл. Секогаш потенцирам дека аутизмот не е болест, туку состојба – истакнува специјалниот едукатор.

Бројот на деца со аутизам значително е во пораст во последниот период. Со бројки секогаш се калкулира затоа што во нашата држава не постои регистар на лица со аутизам. Македонското научно здружение води сопствен регистар, но тие бројки се далеку помали од реалната слика што моментално се гледа.

– Би можеле да се издвојат неколку причини кои го зголемија растот на бројот на децата со аутистичен спектар: постарата возраст на родителите, загадувањето на средината со олово и жива, зголемената употреба на пестициди и хербициди, ГМО-храната, злоупотребата на антибиотиците, некои вируси и сите овие задолжително во интеракција со генетската предиспозиција (мутирани гени). Сите тие се силни ризик-фактори – додаде Александра Карагирова од Центарот за стимулација, раст и развој „Старс“.

фото: приватна архива



912

X