Неколку нови истражувања покажуваат дека пандемијата на Ковид-19 на некои луѓе им донесе придобивки: многу татковци се чувствуваат поблиски со своите деца и сакаат да создадат нова нормална состојба.
Истражувањата, објавени како дел од Канадската недела на здравјето на мажите, биле спроведени во мај од непрофитната канадска здравствена фондација за мажи (CMHF). Првото истражување анкетирало 1.019 татковци за влијанието на карантинот поради Ковид-19 врз нивните улоги како татковци.
– И покрај тоа што семејствата се соочија со стрес и предизвици со Ковид-19, откриваме дека татковците добија златна можност да одвојат време, да забават и да се поврзат со своите деца – вели канадскиот министер за здравство Адријан Дикс.
– Многу родители работат со полно работно време и долго време патуваат до работа, а кога тоа го нема, имаат повеќе можности за заеднички моменти, како спортски игри или пешачење. Физичката активност со децата е нешто што прави голема разлика. Можеме да научиме од оваа пандемија многу повеќе работи отколку што мислиме – додава тој.
За време на карантинот, 40 отсто од испитаниците сметале дека Ковид-19 имал позитивно влијание врз нивната улога како татко, 52 отсто биле посвесни за нивната важност како татковци, а 60 отсто се чувствувале поблиски со своите деца. Половина од испитаниците веќе одлучиле дека ќе бидат поангажирани како татковци во иднина.
Според истражувањето, речиси две третини од татковците се дружеле повеќе со децата за време на карантинот и речиси половина планираат да продолжат да го прават тоа и по укинувањето на ограничувањата. Исто така, 56 отсто почесто им давале насоки на нивните деца, а 46 отсто планираат да продолжат да го прават тоа.
– Не сум на работа од март и беше навистина стресно, но доброто нешто е што успеав да поминам повеќе време со моите ќерки. Јас сум професионален готвач и поминувам време во кујната, подучувајќи ги моите деца како да готват. Исто така, седиме и јадеме заедно, што е нешто што не се случуваше често бидејќи работев. Благодарен сум за дополнителното време што го имам со семејството – вели Дал Ватсон.
Ник Блек, партнер во компанијата „Интеншнс консалтинг“, вели дека зголемениот ангажман на татковците може да има многу форми. Еден опиплив начин на кој истражувањето ги гледа татковците дека се ангажирани е тоа што 64 отсто од нив јадат повеќе оброци со своите деца.
– Заедничкото јадење е важно за семејна врска. Постојат значителни докази дека заедничките оброци може да имаат позитивно влијание врз менталното здравје на децата, изборот на храна, училишните успеси, па дури и може да ја намали инциденцата на употреба на дрога и алкохол – вели Блек.
Како продолжение на онлајн-истражувањето беа спроведени виртуелни групи на фокус со 45 татковци од цела Канада. Многу татковци го опишале нивниот фамилијарен живот пред Ковид-19 како многу зафатен, со долги работни часови и патувања, јадење набрзина и грижа за распоредот на децата. Со спортот, воннаставните и социјалните активности, членовите на семејствата го живееле животот паралелно едни со други.
Како што се развива пандемијата, татковците изразија загриженост дека ќе доживеат тензија помеѓу преминувањето кон „старата нормала“ и желбата да се создаде нова нормала.
– Знаеме дека активноста и позитивното присуство на татковците во животот на нивните деца има позитивен ефект врз менталната и физичката благосостојба на тие деца и ја намалува зачестеноста на нивното негативно однесување – вели д-р Дејвид Кул, професор по медицина.
– Ако карантинот овозможи татковците да бидат поангажирани со своите деца, тоа може да биде трајна придобивка од трагичната криза во јавното здравство. Но, јасно е дека мажите сфаќаат дека ќе биде предизвик да продолжат да поминуваат квалитетно време со своите семејства откако ќе се врата долгите работни часови и патувањето до работа и до дома – додава тој.
912