Воспитување

Научете ги децата паметните уреди да им се помош при учење, а не пречка

Без животно искуство, децата може да ја изгубат контролата во начините и времетраењето на користењето на технологијата. Затоа родителите се тука, да ги водат

Веќе на школска возраст децата се снаоѓаат во дигиталниот свет како риби во вода, па ако не сме експерти што се занимаваат со таа област, веројатно за неколку години ќе нè престигнат во знаењето и во управувањето со паметните уреди.
Но, без животно искуство, може да ја изгубат контролата врз начините и времетраењето на користењето на технологијата. Затоа родителите се тука, да ги водат, со овие неколку корисни совети.

Со паметни телефони во школо или не? Ако се прашуваат децата, одговорот е јасен. Но, како родители веќе имаме одредени сомнежи. Не постои генерално најдобро време да му се дозволи на детето да користи паметни телефони, туку секој од нас мора да процени дали тоа е доволно зрело за тој чекор.
А тој момент секако ќе дојде. И тоа не само поради околината во која се социјализира, а во која ќе биде опкружено со деца што користат паметни телефони. Затоа, ние треба да го подготвиме нашиот ученик за одговорно однесување со технологијата, која е полна со потенцијал за неговиот развој. Првата работа што треба да го научиме е:

Одговорност

На детето треба да му се објасни дека можноста да користи паметен телефон е знак за доверба во него и дека има одговорност да не ја злоупотребува довербата. Поставете му точни ограничувања и упатства кои ќе мора да ги следи, а и санкции ако ги надмине ограничувањата. Тоа не мора да е строг режим, може да развиете и систем на награди (користењето на уредот не смее да биде награда), но мора да има доволно ограничувања за паметниот телефон да го сфати како алатка, а не како играчка.

Бидете им пример

Може колку што сакаме да им зборуваме на децата за добрите практики на користење на паметните телефони и начинот на однесување во дигиталниот свет, но ако тие нè гледаат како секојдневно им пишуваме лути, неконструктивни коментари на непознати под некој текст, ништо нема да им значи тоа што сме им го рекле за однесувањето. Ако им кажете дека не смеат да играат игри цело време, дека треба да читаат, тогаш не смеат да ве видат како пасивно се ѕверите во екранот по еден час. Ограничувањата што ќе им ги поставите мора и вие да ги почитувате.

Правила на однесување во дигиталниот свет

Како и во реалниот живот, и во дигиталниот децата ќе бидат дел од одредени заедници и кругови. Принципите на убаво и последиците од лошото однесување важат за двата света, но дигиталното опкружување може да им се чини премногу апстрактно за да го сфатат тоа. Вие мора да ги водите и да ги учите на друштвена интеракција, како да ги почитуваат другите, треба да ги прекорите ако ги задеваат своите врсници, да ги предупредите на опасностите од комуникацијата со непознати иако на сликата е дете на нивна возраст, а особено на долготрајноста на работите што ќе ги објават на интернет… Како што го воспитувате детето да се однесува во реалниот живот, исто така треба да се однесува и во дигиталниот свет, а и треба да бидете активен дел од неговата секојдневна комуникација, но истовремено и да ја почитувате неговата приватност.

Активно откривајте им работи и можности

Никој не го знае вашето дете подобро од вас и сигурно можете да му понудите многу интересни содржини и креативни алатки кои со задоволство ќе ги користи и на кои ќе се навраќа. На овој начин му создавате навики за користење на интернетот и паметните телефони, а и градите заедничка доверба. Во неговиот свет вие мора да бидете прв и најдобар експерт за интернет, на кој секогаш може да му се обрати со прашања.

Договорете се со другите родители и со наставничката

Паметните телефони може да бидат одлични алатки за учење и вежбање, особено кога станува збор за заеднички активности. Обидете се со наставничката и со другите родители да ги договорите начините на користење на паметниот телефон во текот на наставата, за сите да ги знаат правилата и да се придржуваат.
Исто така, може да се договорите да се купуваат одредени модели на паметни телефони бидејќи не е здраво на децата да им се создава околина во која ќе се чувствуваат лошо зашто го немаат најскапиот модел како статусен симбол.

Дополнителна погодност е тоа што со наставничката и родителите може да договорите заеднички групи за учење и размена, може да направите список со апликации за учење и да создадете мала друштвена мрежа на која децата ќе може да учат за интеракцијата пред да почнат да ги откриваат „Инстаграм“, „Фејсбук“ и другите друштвени мрежи, а со тоа ќе имате и подобар увид во нивниот развој.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top