Кога повеќето луѓе ќе го слушнат терминот „пречувствително дете“, можеби прво ќе помислат на мало дете кое плаче и за најмалата ситница што ќе му се случи. Сепак, родителите на хиперчувствителни или многу чувствителни деца знаат дека е во прашање нешто повеќе од интензивни чувства.
Имено, како што објаснуваат психолозите, таквите деца имаат нервен систем кој брзо реагира на речиси секоја промена, а тоа е феномен кој се јавува кај 20 проценти од децата. Постојат одредени знаци кои укажуваат дека детето може да биде премногу чувствително.
Еден од најчестите знаци што го покажуваат хиперсензитивните деца е покажувањето голема емпатија. Таквите деца не се само емоционално реактивни, туку и изразено емпатични. Кога ги гледаат луѓето што ги сакаат како се вознемируваат или поминуваат низ лош период, често може и самите да се вознемират. Како што велат психолозите, хиперсензитивните деца чувствуваат сè што чувствуваат луѓето околу нив.
Покрај големата емпатија, премногу чувствителните деца често претерано размислуваат за работите што им се случуваат или што допрва ќе се случат. Тоа може да се види во нивните промислени прашања, прераната употреба на големи зборови откако ги слушнале само неколку пати, или во тешкотијата при донесувањето одредени одлуки, бидејќи размислуваат премногу за сите можности.

Кога станува збор за дисциплинирање на премногу чувствителните деца, казнувањето и покачениот тон на гласот не функционираат кај нив, објаснуваат психолозите. Имено, поради моќната перцепција и обработка на информациите, на многу чувствителните деца им е потребен поблаг пристап.
„Пречувствителното дете ќе го интернализира сето она што ќе го кажете, а секое викање ќе го доживува како закана“, објаснуваат психолозите, па ги советуваат родителите мирно да им пристапуваат на чувствителните деца и да избегнуваат секаков вид строга казна.