Воспитување

Овие три екстремни родителски тактики всушност функционираат

Понекогаш, како родител, ќе се соочите со фактот дека навистина не знаете како да му помогнете на вашето дете да успее. Тоа го вели експертот за родителство Маргот Махол Бисноу, која интервјуирала родители на 70 возрасни луѓе со високи достигнувања за нејзината книга „Воспитување претприемач: Како да им помогнете на вашите деца да ги постигнат своите соништа“.

Во интервјуата што ги правела, Бисноу нашла заедничка нишка: родителите со кои разговарала им давале на своите деца слобода да ги следат своите страсти, понекогаш до навидум екстремни нивоа, како што се напуштање на домот на рана возраст или напуштање на факултетот.

„Секоја од овие екстремни работи што ги прават родителите покажува дека тие го слушаат детето и сериозно го сфаќаат она што детето им го кажува, наместо да мислат дека тие како родители најдобро знаат. Она што е малку тажно е што нивните методи не треба да се сметаат за екстремни, туку за нормални“, рекла Бисноу.

Еве три примери на екстремни родителски одлуки, кои всушност функционираат, според Бисноу и родителите кои ги интервјуирала.

Поддржете ги детските страсти и покрај сомнежите

Растејќи во Сан Франциско, каде што неговиот татко водеше популарен ресторан, Џон М. Чу покажал интерес за креативните уметности. Неговите родители сакале тој да избере нешто потрадиционално. Сепак, мајка му му дала камера за да снима домашни филмови од семејните одмори, а неговата страст растела со текот на времето.

Кога бил во средно училиште, мајка му го опоменала дека наместо да работи до доцна навечер на филмови, треба да се фокусира на училиште и да престане да губи време.

-Се расплакав и им реков дека не можат да ме спречат бидејќи тоа е она што го сакам. Следниот ден мајка ми ми даде еден куп книги за снимање филмови и ми рече: „Ако сакаш да го правиш ова, научи сè за филмовите и биди најдобар“, се присетил режисерот.

Бисноу вели: „Не секој ја гради својата кариера од страст, но покажувањето дека верувате во децата може да им ја даде довербата што ќе им биде потребна за да успеат како возрасни, без разлика кој ќе биде патот што ќе го следат“.

Оставете ги децата да си заминат од дома уште на рана возраст

Неколку родители со кои разговарала Бисноу им дале поголема независност на децата уште од мали нозе. Земете ги за пример родителите на Сајмон Ајзакс, извршен директор на фирма за дигитален маркетинг.

Неговата приказна нема никаква врска со претприемништвото: кога Ајзакс бил во средно училиште, му било дозволено да го напушти домот и да помине две години во Колорадо, тренирајќи како скијач.

Ајзакс подоцна скијал на натпреварите од колеџот „Мидлбери“ и се надевал дека ќе влезе во олимпискиот тим на САД. Тоа никогаш не се случило, но искуството директно влијаело врз неговиот претприемачки успех, тврди Бисноу.

„Тоа ниво на страст за нешто го научи на решителност и фокусираност, напорна работа и сите нешта потребни за да успее во животот. Знам дека им беше тешко на родителите да го пуштат да си оди, но тие го направија тоа“, забележува таа.

Реагирајте позитивно на откажувањето од факултетот

Не секој што ќе го напушти факултетот со претприемачки соништа ќе стане следниот Бил Гејтс или Марк Закерберг.

Мајката на Мет Муленвег секако била внимателна. Нејзиниот син немал компанија во 2004 година кога рекол дека сака да се откаже од Универзитетот во Хјустон по две години студии.

Муленвег развивал систем за управување со веб-содржини во неговата студентска соба, а веб-страницата за технолошки медиуми „CNET“ сакаше да почне да му плаќа за неговата работа. Неговата мајка првично се борела со одлуката, но страста и посветеноста на Муленвег ја освоиле, вели Бисноу. Таа на крајот го однела во Сан Франциско за да му помогне да најде стан.

„Тој буквално работеше на тој сон без престан и таа знаеше колку му е важно и едноставно го пушти да си оди“, вели Бисноу.

По една година, Муленвег го напушти „CNET“ за да ја претвори својата креација во сопствен бизнис: WordPress. Не можел ниту да замисли да прави нешто друго, напишал тој тогаш на својот блог.

Денес, тој е извршен директор на матичната компанија на „WordPress.com“ – „Automattic“, која има повеќе од 2.000 вработени и е проценето дека вреди 7,5 милијарди долари, во 2021 година.

„Многу родители не се согласуваат нивните деца да го напуштат образованието. Тие мислат дека нема да бидат успешни ако го сторат тоа. За Муленвег тоа беше вистинската одлука“, заклучила Бисноу.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top