Психолозите објаснуваат дека самоувереното дете полесно се движи низ животот затоа што верува дека може успешно да се справи со сите предизвици што го очекуваат. Исто така, многу истражувања покажуваат дека децата со висока самодоверба се подобри во училиште, но имаат и многу поуспешни кариери откако ќе пораснат токму поради нивната верба во себе.
Но, многу родители не се ни свесни дека начинот на кој му пристапуваат и разговараат со своето дете може да има големо влијание врз развојот на нивната самодоверба. Психолозите нагласуваат дека одредени реченици можат да придонесат за зајакнување на самодовербата кај детето, а еве за кои реченици и фрази станува збор.
„Гледам дека напорно работиш и се трудиш околу ова“ – е реченица која му дава до знаење на детето дека родителот го гледа и го забележува неговиот напор. Психолозите постојано нагласуваат дека најважен е трудот, додека резултатите се помалку важни. Ваквото забележување на трудот и волјата на детето придонесува за подобро развивање на самодовербата.
Друга реченица која ќе му помогне на детето да стекне што поголема верба во себе е: „Знам дека следниот пат ќе успееш“. Родителите треба редовно да му ја кажуваат оваа реченица на своето дете кога не успева во нешто, кога сака да се откаже затоа што е разочарано.

Сосема е разбирливо што одвреме-навреме наидуваме на неуспех, а начинот на кој се справуваме со него покажува каква личност сме. На децата што знаат дека е во ред да се прават грешки и не се откажуваат кога ќе се соочат со неуспех не им недостига самодоверба, додаваат психолозите.
„Ова беше храбро“ е уште една реченица која според експертите треба да им ја кажуваат родителите на своите деца. Иако е нормално нашите малечки одвреме-навреме да се трудат и да не успеваат во работите, фактот дека тие биле доволно храбри да се обидат докажува дека поседуваат самодоверба.