Социјалните медиуми се дел од секојдневниот живот и на возрасните и на децата со години, но една нова голема студија повторно нè потсетува на она што често го забораваме – проблемот не се самите екрани, туку она што се случува на нив.
Огромна студија спроведена меѓу деца на возраст од 11 до 13 години покажала дека децата кои јавно објавуваат содржини на социјалните медиуми имаат поголема веројатност да пријават симптоми на депресија и анксиозност и имаат послаб квалитет на сонот од нивните врсници кои се однесуваат поповлечено на интернет.
Студијата е спроведена во Флорида, а планирано е да се повторува секоја година со истата група деца, со цел да се следат промените со текот на времето.
Што му штети на менталното здравје на децата?
Авторите на студијата истакнуваат дека не е само поседувањето паметен телефон тоа што му штети на менталното здравје на децата. Речиси сите испитаници (99%) користат некаков вид дигитален уред, а 78 % од нив имаат свој паметен телефон. Сепак, не сите се еднакво погодени. Проблемот се јавува кога децата објавуваат содржини јавно бидејќи тоа носи голем број потенцијално штетни последици: негативни коментари и сајбер-малтретирање (насилство меѓу врсници на интернет), исклучување од групи, „отстранување од пријатели“, објавување лични информации, чувство на постојано споредување со другите.
Децата што редовно објавуваат јавно имаат поголема веројатност да доживеат негативни емоции, полошо да спијат (бидејќи остануваат будни до доцна навечер со своите телефони) и чувствуваат дека технологијата негативно влијае врз нивниот секојдневен живот.
Дали самите паметни телефони се лоши?
Интересно е што децата кои имаат свои телефони имале поголема веројатност да кажат дека се чувствуваат добро во својата кожа отколку оние без телефони. Исто така, помалку од нив се согласиле со тврдењето дека животот честопати им изгледа бесмислен. Зошто? Научниците веруваат дека децата без телефони можат да се чувствуваат исклучени од општеството, особено на возраст кога припадноста кон група врсници е исклучително важна. Покрај тоа, поседувањето уред може да им даде чувство на автономија, што е важен фактор за емоционалната благосостојба. Затоа, велат тие, строгите забрани за употреба на мобилни телефони можат да се вратат како бумеранг – наместо целосна забрана, клучот е рамнотежата и образованието.
Како да им се помогне на децата да бидат побезбедни на интернет?
Експертите ги повикуваат училиштата и родителите да не се воздржуваат од својата улога во дигиталното воспитување на децата.

Препораките вклучуваат:
Воведување дигитална писменост во училиштата – како да се препознаат лажни вести, како да се одговори на онлајн насилство, како да се заштити приватноста.
Отворени разговори дома – без осудување, но со јасни правила и граници.
Образование за родителите – училиштата можат да организираат вечери за родители на тема влијанието на социјалните мрежи. Како што вели д-р Шерон Хувер, клинички психолог на Универзитетот во Мериленд: „Ако нешто влијае врз учењето, училиштата и родителите треба да бидат дел од решението“.
Како да поставите здрави граници дома:
-Организирајте време без екран пред спиење.
-Охрабрете го вашето дете да споделува содржини само со блиски луѓе, а не јавно.
-Бидете пример за углед – ако постојано гледате во вашиот телефон, вашето дете ќе го прави истото.
-Редовно зборувајте за тоа што гледа и како се чувствува.
-Дигиталниот свет нема да исчезне, но можеме да им помогнеме на децата безбедно и здраво да се снајдат во него.
Автор: Наташа Крстичевиќ