Игротека

Овие однесувања може да бидат рани знаци на психопатија кај децата

Родителите што се загрижени за однесувањето на своето дете, без разлика дали станува збор за чести изливи на бес или тешкотии на училиште, често бараат помош од стручни лица. Детскиот терапевт Саманта Марчам објаснува дека агресијата или емоционалната нестабилност кај повеќето деца може да се поврзе со препознатливи причини како злоупотреба, невродивергентност или семејни проблеми. Но постои и помала, покомплексна група деца чие однесување не предизвикува веднаш аларм, иако може да укажува на нешто значително посериозно.

Овие деца на прв поглед не се вознемирени, хаотични или надвор од контрола. Често се мирни и прибрани. Нивното однесување не е последица на тежок, но минлив животен период, туку може да биде одраз на подлабоки, подолготрајни обрасци.

Психопатијата е нарушување на личноста кое се дијагностицира исклучиво во возрасна доба и ниту еден одговорен клиничар не би нарекол дете психопат. Сепак, истражувањата од развојната психологија потврдуваат дека особините поврзани со психопатијата не се појавуваат нагло со навршени 18 години, туку раните знаци може да се забележат многу порано.

Според искуството на терапевтот, децата со вакви обрасци често се емоционално дистанцирани, исклучително контролирани и необично смирени. Многу од нив се мошне елоквентни и шармантни, вешти во манипулирање со возрасни и врсници, а притоа да не привлекуваат премногу внимание. Убедливо лажат и покажуваат многу малку каење или чувство на вина. Во клиничката практика ваквиот образец се нарекува нарушување на однесувањето со бесчувствителни и неемоционални особини.

Раното препознавање на овие знаци не значи дека детето е предодредено да развие психопатија, но укажува на зголемен ризик. Ако ваквите обрасци не се препознаат и не се третираат навреме, со текот на годините може да се зацврстат, поради што раната стручна поддршка е исклучително важна.

Студено однесување и недостиг на емпатија

Покажува ли детето многу малку сочувство кон другите? Се обидува ли да ги контролира браќата, сестрите или врсниците? Одбива ли да дели и реагира со агресија наместо со тага или фрустрација кога нешто не му успева? Тука не станува збор за вообичаена детска тврдоглавост, туку за однесување што е емоционално празно и бесчувствително.

Ако се чини дека детето ужива во туѓата болка, не покажува непријатност кога некој друг е вознемирен и не покажува каење кога ќе биде предупредено, тоа е сериозен предупредувачки знак. Таквото дете знае како да ги провоцира другите, но не знае кога треба да застане.

Лажење и манипулација

Сите деца повремено лажат, но загрижувачки е кога тоа го повторуваат убедливо и со јасна намера да избегнат одговорност. Децата од оваа група често развиваат обрасци во кои ги обвинуваат другите за сопственото однесување и измислуваат уверливи, детални приказни за да манипулираат со ситуацијата.

Понекогаш намерно саботираат брат, сестра или пријател за некој друг да изгледа виновен. На пример, детето може да испрати навредлива порака користејќи туѓ мобилен телефон. Особено обрнете внимание ако детето секогаш има „добро објаснување“ и постојано ве наведува да ја преиспитувате сопствената процена на ситуацијата.

Себичност и површен шарм

Родителите понекогаш се тешат со мислата дека детето кое упорно бара начин да го добие она што го сака е всушност роден лидер. Но ако детето ги свртува пријателите еден против друг, намерно исклучува некого од игра или манипулира со односите за да ја задржи контролата, станува збор за образец што бара внимание.

За нив правилата не важат

Ако детето цврсто верува дека правилата важат за другите, но не и за него, тоа е причина за сериозна загриженост. Родителите често се смируваат со убедливи објаснувања, иако училиштето или други родители повторливо укажуваат на проблеми. Детето ќе тврди дека наставниците се неправедни или дека е „погрешно разбрано“.

Иако може тоа понекогаш да се случи, ако образецот е постојан, нешто не е во ред. Ако детето никогаш не презема одговорност и ако дисциплинските мерки не го менуваат неговото однесување, време е за стручна процена.

Одглумени емоции

Ако забележувате дека детето покажува многу малку грижа за чувствата на другите, ги прекршува ветувањата, ги менува плановите во последен момент или е индиферентно кон потребите на блиските, тоа може да укажува на посериозен проблем.

Суровост кон животни и помали деца

Дури и децата со посериозни тешкотии во однесувањето најчесто покажуваат нежност кон животни и помали деца. Кога ненамерно ќе им нанесат болка, тоа ги вознемирува. Затоа секое намерно нанесување болка, особено ако се повторува или е ладнокрвно, е силен аларм.

Ова никогаш не смее да се сфати како фаза или љубопитност. Ако забележите дека детето свесно повредува животни, вклучително и мали инсекти, или други деца, потребно е итно да се побара стручна психијатриска процена.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top