Здравје

Нови очила го коригираат видот кај децата и спречуваат да се влоши

Многумина од нас морале да им набават детски очила на децата. Но, на пазарот има нов вид очила што прават повеќе.

Кон крајот на септември ФДА (Американска агенција за храна и лекови) објави одобрување на нови очила деца. „Есилор стелест“ не се како обичните очила, тие не само што ја коригираат миопијата (кратковидоста) на вашето дете, туку потенцијално и спречуваат проблемите со видот да се влошат.

Двајца педијатриски офталмолози објаснуваат повеќе за овие очила и дали вашето дете може да биде добар кандидат за нив.

Што е миопија и зошто застапеноста меѓу децата се зголемува?

Миопија е медицински термин за кратковидост, што е појава кога предметите стануваат заматени колку што се пооддалечени од вас. Ова е спротивно на далековидоста (хиперопија), што е појава кога предметите блиску до вас се заматени.

Над 40 % од Американците се кратковиди, а овој број всушност е зголемен од 25 %, бројка регистрирана во 70-тите години. Се проценува дека речиси 50 % од луѓето ќе бидат кратковиди до 2050 година. Ова е една од причините зошто педијатриските офталмолози се загрижени и бараат начини да го забават напредувањето на кратковидоста кај децата, која може брзо да напредува во детството.

Иако експертите не се сосема сигурни што ги предизвикува овие зголемувања, времето поминато пред екран и непоминување време на отворено веројатно се причина за тоа.

-Користењето паметни телефони и таблети, и помалку време поминато на отворено се смета дека се два главни фактори за зголемената појава на миопија. Дури и ако постои семејна историја за потреба од очила, тоа не објаснува зошто толку многу деца развиваат кратковидост и поголеми нивоа на кратковидост – вели д-р Силвија Ју, педијатриски офталмолог.

Зошто е важно забавувањето на прогресијата на миопијата

Можеби ќе помислите: Зошто не можам едноставно да му купам на моето дете очила? Зошто да размислувам за очила што ја спречуваат прогресијата на миопијата? Проблемот е што кај некои деца миопијата може брзо да напредува, и колку побрзо напредува, толку е поголема веројатноста да развијат посериозни проблеми со видот подоцна во животот.

Како функционираат овие нови очила?

Очилата „Есилор стелест“ се исто како обичните очила, но леќите се различни.

-Леќите имаат јасна централна зона опкружена со концентрични прстени од ситни, издигнати точки. Централната област функционира исто како вашите обични очила, подобрувајќи ја визуелната острина, додека концентричните прстени од издигнати точки ја дефокусираат периферната светлина – вели Даниел Сир, доктор по медицина, педијатриски офталмолог.

Па, како тие го спречуваат прогресот на миопијата кај децата?

-Се смета дека дефокусирањето, односно замаглувањето на сликата кон периферната мрежница ја забавува прогресијата на миопијата. Точниот механизам во овој момент е нејасен – вели д-р Сир.

Одобрувањето од ФДА за очилата се базирало на студии што се одржале во Азија, според д-р Ју, која додава дека се прават дополнителни истражувања за да се види дали овие очила функционираат еднакво добро за децата во САД.

Како да знаете дали овие очила би можеле да бидат добар избор за вашето дете?

-Добро е прво да разговарате со офталмологот или оптометристот на вашето дете кога одлучувате дали овие очила би можеле да бидат третман што треба да се земе предвид, ако вашето дете развило кратковидост или ако кратковидоста се зголемува – препорачува д-р Ју.

Автор: Венди Виснер

Извор

Поврзани написи

To top