Здравје

Овие хемикалии се наоѓаат во крвта на речиси секој – ги изложуваат младите на голем ризик од заболување на црниот дроб

Изложеноста на ПФАС – вечните хемикалии може да го удвои ризикот од развој на масна болест на црниот дроб кај младите, според ново истражување објавено во јануарското издание на списанието „Истражување на животната средина“.

Научниците откриле дека со секое удвојување на нивоата на ПФАС-хемикалиите во крвта ризикот од масна болест на црниот дроб кај тинејџерите се зголемува за дури 2,7 пати.

Замастениот црн дроб, уште познат и како стеатотична болест на црниот дроб поврзана со метаболичка дисфункција (МАСЛД), се јавува кога маснотиите се акумулираат во црниот дроб, што може да доведе до воспаление, лузни на ткивото и зголемен ризик од рак. Истражувачите проценуваат дека околу 10 проценти од сите деца имаат масна болест на црниот дроб, при што стапката се зголемува на 40 проценти кај дебелите деца.

МАСЛД може да се развива тивко, со години, пред да предизвика сериозни здравствени проблеми, предупредува д-р Лида Чаци, професор по јавно здравје и педијатрија на Медицинскиот факултет „Кек“ во Лос Анџелес.

Таа додава дека акумулацијата на масти во црниот дроб уште во адолесценцијата може да постави основа за доживотни метаболички проблеми и проблеми со црниот дроб. Ако можеме да ја намалиме изложеноста на ПФАС рано во животот, би можеле да го спречиме развојот на заболувања на црниот дроб подоцна во животот.

Што се ПФАС?

„ПФАС“ (пер- и полифлуороалкилни супстанции) се нарекуваат „вечни хемикалии“ бидејќи содржат исклучително силни врски помеѓу јаглеродот и флуорот, што ги прави многу тешки за разградување и отстранување од околината и од телото. Овие хемикалии се користат уште од 40-тите години во различни производи за широка потрошувачка, вклучувајќи пени за гаснење пожар, садови за готвење со нелеплива површина, амбалажа за храна, мебел отпорен на дамки и водоотпорна облека.

-Адолесцентите се особено ранливи на штетните ефекти на ПФАС бидејќи се во клучна фаза од растот и развојот – изјавил водечкиот автор Шивен Ли, доцент по јавно здравје на Универзитетот „Хаваи“.

Покрај заболувањата на црниот дроб, ПФАС се поврзани со низа други здравствени проблеми, вклучувајќи неколку видови рак. Студијата анализирала податоци од 284 адолесценти и млади возрасни лица во Јужна Калифорнија, собрани како дел од две претходни студии спроведени од Универзитетот на Јужна Калифорнија. Сите учесници биле изложени на зголемен ризик од метаболички заболувања бидејќи нивните родители имале дијабетес тип 2 или имале прекумерна тежина.

Нивото на ПФАС било определено преку крвни тестови, додека маснотијата во црниот дроб била оценета со магнетна резонанција. Две хемикалии на ПФАС се издвојуваат – ПФОА (перфлуорооктаноична киселина) и ПФХпА (перфлуорохептаноична киселина) – со повисоки нивоа поврзани со поголем ризик од заболување на црниот дроб.

Ризикот бил уште поголем кај младите луѓе што пушеле или носеле генетска варијанта поврзана со замастен црн дроб.

Овие резултати покажуваат дека изложеноста на ПФАС, генетиката и животните навики даваат увид во тоа кој е изложен на поголем ризик од развој на МАСЛД во одредена фаза од животот, велат истражувачите.

Студијата покажа дека инциденцијата на масна болест на црниот дроб се зголемува како што тинејџерите стареат, дополнително потврдувајќи дека помладите луѓе се особено ранливи на штетните ефекти на хемикалиите на ПФАС.

Автор: Томислав Станиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top