Новинарката и мајка на две деца Лана Халоус споделила осум работи што ги памети од детството, а кои многу ѝ го олесниле мајчинството.
„Копнеам по поедноставни времиња во кои би можела да ги воспитувам децата“
„Модерното мајчинство е напорна работа. Од нас се очекува да правиме сè и сето тоа да го правиме добро – воспитување деца, работа, готвење, домашни обврски (сето ова важи за татковците, се разбира) и сите да сме среќни и здрави. Поради овој притисок, често сме под стрес, растргнати во сто правци и не можеме да бидеме мајки какви што сакаме“, вели Лана и додава дека друг проблем е и постојаната бучава што ни го нарушува животот – мобилните телефони, телевизијата, социјалните мрежи.
„Не знам за вас, но се чувствувам обземена од сè и копнеам по поедноставни времиња кога би можела да воспитувам деца. И иако не можам да направам многу за притисокот што општеството го врши врз родителите денес, мислам дека можеме да избереме да не бидеме премногу оптоварени со сето она што доаѓа со тој притисок“.
Еве неколку идеи што оваа мајка ги „позајмила“ од своето детство за да го поедностави мајчинството:
Најдобрите работи во животот се бесплатни
Го имав најдоброто детство, но кога ќе размислам што правевме јас и брат ми за забава – сфаќам дека тие работи секогаш беа бесплатни. Прошетки во шума, играње на плажа, излети на ливада и готвење со кал во дворот. Родителите никогаш не нѐ носеа во кафуле, не нѐ праќаа во летни кампови или игротеки. Затоа се трудам да правам што повеќе едноставни, слободни активности со моите деца, исто како што правеа моите родители со нас. Не само што се добри за семејниот буџет, туку и на сите ни овозможуваат да се извлечеме од сета напнатост и обврски кои доаѓаат со активностите што чинат пари.
Викендите се резервирани за семејно време
Многу од моите пријатели ги поминуваат викендите на фудбалски терен. Кога бев мала, нашите родители ме носеа со брат ми на патувања во природа – шуми, реки, планини, езера. Имав доволно среќа што моите родители не работеа за време на викендот и сите заедно ги поминувавме саботата и неделата. Иако јас и мојот сопруг понекогаш работиме за време на викендите, се трудам да одолеам на секој распоред за време на викендот и секој слободен момент го користам за уживање со моите деца.
На крајот на краиштата, што е тоа родителство?
Според мене, „родителството“ е модерен поим. Кога бев малечка, моите родители едноставно ме воспитуваа мене и брат ми. Немаше премногу размислување, притисок или грижа дека не прават нешто „добро и правилно“ со нас. Со таков светоглед почнав повеќе да размислувам за тоа како ги воспитувам децата, а помалку за тоа каков родител сум. Сфатив дека сè додека моите деца се чувствуваат сакани, безбедни, згрижени и растат во љубезни и добри луѓе – тогаш правам добра работа.
Една воннаставна активност
Кога бев во основно училиште, одев да танцувам, а брат ми одеше на карате. И толку. Повеќето од моите пријатели ги вклучуваат своите деца во многу, многу воннаставни активности, понекогаш пред училиште, понекогаш по училиште, а често и за време на викендите. И онака се чувствувам како да сум насочена и растргната во сто правци и не сакам да ги оптоварувам моите деца со премногу дополнителни обврски. Моите деца сè уште не се на училишна возраст, но ќе инсистирам да изберат само една воннаставна активност кога ќе дојде време.
И јајцата се доволно добра вечера
Знам дека во многу домаќинства вечерите се готват „на големо“. Кај нас често јадевме остатоци од ручекот, јајца или пак за вечера земавме нешто што веќе го имавме во фрижидер. Иако мислам дека тоа беше најмногу поради заштедата и затоа што мајка ми сакаше да се одмори, јас ги поддржувам ваквите вечери. Зошто вечерата треба да биде нешто дополнително? А впрочем, јајцата се хранливи, моите деца ги сакаат и лесно се прават на повеќе начини. Доволно добро за мене.
Повеќе ментални фотографии отколку дигитални
Имам и мобилен телефон полн со фотографии и видеа од моите деца. Но, знаете што? Ретко ги гледам. Меѓутоа, кога го оставам телефонот и уживам во моментот наместо да фотографирам, всушност ги создавам тие ментални слики. Мојот фотоалбум од детството е полн со „лоши“ фотографии од мене и брат ми со затворени очи, но исто така не се сеќавам дека моите родители некогаш ми кажале да гледам во камерата и да се насмевнувам секогаш кога ќе направам нешто слатко. Еден голем начин на кој го поедноставувам мајчинството е оној што неодамна почнав да го практикувам: повеќе да уживам во моментите и да бидам во нив, а помалку да бидам во нив на мојот мобилен телефон.

На децата треба да им е здодевно
Често се обидувам да ги забавувам моите деца затоа што чувствувам дека времето што го имам со нив е ограничено и драгоцено, но мислам дека навистина не им правам услуга. На децата треба да им биде досадно за да можат подобро да си играат и да се забавуваат. Кога ќе се сетам на моето детство, мајка ми имаше многу повеќе време да нѐ извади надвор и да нѐ забавува, но не го правеше тоа. Јас и брат ми ги поминувавме деновите создавајќи наша сопствена забава – градејќи тврдини, бркајќи се еден со друг низ дворот и ползејќи низ куќата.
Нозете се за пешачење
Поголемиот дел од моето детство немавме автомобил, па секогаш пешачевме насекаде. Прошетки до продавница, прошетки до парк, одење до училиште, прошетки на дожд. Моите деца го имаат луксузот да растат во семејство со два автомобили, но не сакам да пропуштат едноставни задоволства како што е пешачењето. Кога не е многу далеку, се трудам секаде да одам пешки. Нема сообраќаен метеж, нема стрес, но има забава, вежбање и опуштен пристап до целта.
Автор: Ема Јуриќ