Кога детето има температура или покажува некакви знаци на болест, веднаш прашуваме: Дали е тоа грип? Знаеме дека годинава има грип и дека е доста силен, па сите сакаме да го избегнеме по секоја цена. Но, факт е дека има толку многу различни вируси оваа зима, што веќе не можеме да следиме кој што има, па дури и престануваме да се грижиме. Штом утврдиме дека се вируси, ги третираме симптоматски, без разлика за какви вируси станува збор.
Сепак, родителите кои на крајот одат на ургентно со своите деца или посетуваат педијатар во болница, дознаваат што точно се случува. Децата често се тестираат за низа инфекции, па родителите се изненадени кога откриваат дека нивното дете има не една, туку две вирусни инфекции во комбинација.
Многумина се прашуваат зошто е така. Иако ни се чини дека одговорот може да биде дека оваа зима е навистина малку потешка кога се во прашање вирусите, а медиумите не помагаат со насловите, вистината е малку поинаква. Истото се случува и во Америка, па таму веќе ја решија мистеријата.
-Пред ковид-19, не секогаш нужно тестиравме болно дете за цела група различни вируси одеднаш. Но, сега кога можеме да тестираме повеќе вируси одеднаш и тоа го правиме почесто, откриваме дека има многу истовремени инфекции – истакнува Камил Сабела, специјалист за детски инфективни болести.
Значи, да се разјасни уште еднаш: не е дека тоа не се случило порано, туку дека во претковид-ерата децата не биле тестирани за толку многу различни вируси. Коинфекциите, или истовремените инфекции со два вируса, може да се појават во различни комбинации на вируси кои моментално циркулираат, а тестирањето е сè уште важно.
Важно е да знаеме со кој „непријател“ се бориме за да се однесуваме што поефективно кон детето. И иако ни звучи драматично дека детето има два вируса одеднаш, повеќето деца всушност доста добро го поднесуваат. Повеќето деца ги преболуваат сите актуелни вируси дома, со третмани за намалување на треска, инхалации, олеснување на кашлицата и слично – во зависност од видот на вирусот и што предизвикува тој.
Сепак, лекарите постојано предупредуваат дека она на што дефинитивно треба да внимавате се проблеми со дишењето. Ако детето има проблеми со дишењето, треба да се побара лекарска помош. Исто така, важно е да се посети лекар ако родителот се чувствува како состојбата на неговото дете да се влошува со текот на времето наместо да се подобрува.

Кога станува збор за спречување на овие вируси, најдобриот начин е наједноставниот – миење на рацете. Дури и за време на врвот на инфекциите со коронавирусот научивме дека тоа е најважната форма на превенција, па затоа мора да продолжиме да го правиме тоа – без разлика колку всушност се шегуваме со таа работа поради ковид-19.
Иако многу вируси навистина се пренесуваат во воздухот, повеќето се шират преку близок контакт, а важен чекор во ова се чистите раце. Ова е особено важно, за да се освестат децата кои поминуваат дел од своето време со група. Секако, кога децата се болни, тие мора да останат дома, што е исто така важна превентивна мерка.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912