Игротека

Оваа родителска грешка го спречува напредокот на децата

Во денешно време родителите сѐ повеќе од кога било вклучени во животите на своите деца. Тие учествуваат во секој настан, ги решаваат сите нивни проблеми и се грижат да не им недостига ништо. Иако на прв поглед оваа грижа изгледа позитивно, таа честопати носи и несакани последици, предупредува психологот и терапевт Џефри Бернштајн.

– Една од најчестите родителски грешки е претераната помош. Кога родителите постојано интервенираат и ги решаваат предизвиците наместо децата, тие не стекнуваат самодоверба, ниту чувство на самостојност. Често стануваат анксиозни, избегнуваат покомплексни задачи и тешко се снаоѓаат без постојана поддршка од родителите – објаснува тој.

Доколку постојано чувствуваме потреба да правиме сè наместо нашето дете или да го „спасуваме“ од секоја непријатна ситуација, несвесно можеме да испраќаме порака: „Не можеш сам, ти треба мојата помош.“

Овој пристап на долг рок може да ја намали вербата на детето во сопствените способности и да го оневозможи да се соочи со реални животни предизвици.

Што треба да направиме наместо тоа?

Психологот советува дека е клучно да се воздржиме од импулсот постојано да помагаме и наместо тоа да им дадеме можност на децата сами да се обидат.

– Охрабрете ги да размислат за можно решение, пофалете го трудот, а не само резултатот. Дозволете им да учат од сопствените грешки. Така ја градите нивната отпорност и им праќате јасна порака дека верувате во нив – заклучува Бернштајн.

Извор

Поврзани написи

To top