Чувствувате како да ги повторувате истите работи одново и одново со денови – „Измијте ги забите“, „Облечете ги чорапите“, „Расчистете ги играчките“ – не сте сами. Родителството честопати може да ви изгледа како постојано да се повторувате, додека вашите деца постојано ве игнорираат. Но, што ако постоеше едноставна реченица што можеше да ги сврти работите?
Во поткастот „По времето за спиење со големите мали чувства“, експертите за развој на децата, Дина Марголин и Кристин Галант, зборувале за таа вечна борба на родителите – како да ги натерате децата навистина да слушаат. Марголин, исто така, споделила фраза што ја користи дома, која, како што вели, „секогаш функционира“.
Мозокот на детето сè уште учи како да „слуша“. Важно е да се знае дека да чуете нешто не е исто како и да слушате. Вашето дете може да ја чуе фразата „Облечи ги чевлите“, но тоа не значи дека веднаш ќе престане да игра, ќе го смени фокусот и ќе слуша. Таканаречените извршни функции на мозокот се развиваат во префронталниот кортекс, кој е развиен само 25 % до 3-годишна возраст, а не созрева целосно до 20-годишна возраст. Очекувањето четиригодишно дете да слуша „од почеток“ е исто како да очекувате стар мобилен телефон да работи како најновиот паметен телефон.
И уште една важна работа: децата не игнорираат од непослушност. Најчесто, тие се:
-преоптоварени (дерегулација)
-фокусирани на нешто друго или едноставно сè уште не се доволно невролошки развиени.
Слушањето е вештина, а не особина – се гради преку поврзување, повторување и трпение, а не преку казна.
Зошто нè нервира толку многу?
Кога детето го игнорира нашето барање по трет пат, кај нас може да се појави лутина. И тоа не е само моментална фрустрација – тоа предизвикува подлабоко верување како на пример: тие не ме почитуваат, не знам како да ги воспитам, никој не ме слуша… Ваквите мисли го активираат нашиот нервен систем, особено ако самите ние често сме биле критикувани или игнорирани како деца. Затоа експертите советуваат: првиот чекор не е да се промени однесувањето на детето, туку нашата реакција. Кога ќе почувствувате дека „вриете“, обидете се со ова:
-Ставете ја раката на градите. Вдишете. Кажете си: „Јас сум безбеден/а. Јас сум добар родител. Мозокот на моето дете сè уште се развива.“
Оваа едноставна пауза може да ве врати од реакција во свесност. Репликата која (скоро) секогаш е успешна е: „Ајде да го направиме ова заедно“. Наместо да наредува, оваа реченица повикува на соработка. Кога детето не реагира, Марголин вели дека често користи варијации како: „Дали треба да почнеме заедно?“ „Ајде да се тркаме до чевлите!“ „Дали сакаш да ти го покажам првиот чекор, а ти да продолжиш?“
Зошто ова функционира?

Поврзаноста го регулира мозокот, кој станува посоработлив. Целта не е совршена послушност, туку развивање на вистинските вештини: фокус, флексибилност и независност. Уште трикови што помагаат:
1. Влезете во нивниот свет пред да ги поканите во вашиот. Пред да кажете „Расчистете ги играчките“, застанете и поврзете се: „Леле, градите вселенски брод! Може ли астронаутот да дојде да ви ги измие забите?“
2. Бидете кратки и позитивни. Наместо долги предавања, кажете максимум 5 збора: „Прошетка, ве молам“, „Облечете ги чевлите.“
3. Визуелни помагала. Ако постојано ги повторувате истите работи – нацртајте ги. Распоред на утринска рутина, потсетници со слики, песочен часовник или тајмер… Визуелното е помалку заморно од вербалното и е особено корисно за деца со развојни предизвици.
И запомнете: ако вашето дете ве слуша 25 % од времето, а неговиот мозок е развиен 25 % – сè е во ред. Ова не значи дека сте неуспешен родител. Тоа значи дека одгледувате дете, а не робот.
Автор: Наташа Крстичевиќ