Додека повеќето родители времето пред доаѓањето на бебето го поминуваат избирајќи имиња, бои за ѕидовите или пелени, Келси Мора одлучила да направи нешто сосема поинакво. Таа отворила е-пошта за секое од своите деца и почнала да им пишува пораки уште пред тие да научат да читаат. Така создала лична архива на спомени, за која верува дека еден ден ќе биде непроценливо богатство за нејзините деца.
Освен што сакала да им ги обезбеди идните е-пораки, Келси имала и подлабока мотивација. Како терапевт што работи со семејства кои минуваат низ тешки моменти, свесна е колку многу значат зборовите и сеќавањата од родителите особено кога тие повеќе не се тука.
Затоа не чекала да се случи нешто лошо. Таа однапред одлучила да создаде место каде што нејзините деца секогаш ќе можат да најдат љубов, поддршка и спомени.
Низ годините, овие пораки станале многу повеќе од писма за иднината. А нејзе ѝ станале дневник. Во нив ги запишувала убавите моменти, смешните реченици што ги кажале децата, но и тешките денови.
Келси вели дека нема правило кога треба да се пишува, но најчесто тоа го прави во три ситуации:
Пишува за родендените
Секоја година, околу роденденот на децата, им испраќа по една порака. Понекогаш само неколку реченици, а понекогаш и подолги мисли.
– Денес имаш три години. Сама ја одбра темата за прославата – Мини Маус, а омилена боја ти е зелената. Тврдоглава си, зборлеста и обожаваш да танцуваш. Едвај чекам да видам во каква личност ќе се претвориш. Те сакам секојпат кога ми посакуваш добро утро со насмевка.

Пишува за смешните и посебните моменти
Понекогаш пишува само за да зачува ситници што би можеле лесно да избледат од сеќавањата – начинот на кој детето изговара некој збор, смешна ситуација или некоја нежна сцена од секојдневието.
Често ваквите пораки ги почнува со реченици како: „Работи на кои сакам да се сеќавам“ или „Го сакам начинот на кој…“, а понекогаш додава и фотографија.
Пишува и кога ѝ е тешко
Родителството не е секогаш лесно. Таа им пишува и во моменти кога ѝ е тешко и тоа ѝ помага да се справи со емоциите, но и да им покаже дека љубовта не зависи од совршените денови.
– Твојот силен карактер последниве денови често го тестира моето трпение. Но си велам дека еден ден ќе го користиш за добри цели и ќе се бориш за она што го сакаш. И затоа, дури и кога е тешко, уживам во нашето време. Навечер ти шепотам дека те сакам, дури и кога ме полудуваш. Се надевам дека тоа го чувствуваш.
Кога ќе им каже за е-пораките?
Сè уште не одлучила. Можеби кога ќе наполнат осумнаесет години, а можеби во некој важен животен момент како матурата или заминувањето на факултет.
Келси нагласува дека не пишува од страв, туку од љубов. Таа сака нејзините деца секогаш да имаат доказ колку биле сакани и забележани.
– Животот е непредвидлив, но знам дека секогаш ќе можат да го отворат тоа виртуелно катче и да ги најдат зборовите што ќе ги стоплат, потсетат и охрабрат – вели таа.