Ако имате прваче  ова е вистински текст за вас. Запознајте се со фактите што би требало да ги знае секој родител.

Промена голема колку планина

Тргнувањето на училиште е голема промена за секое дете. Толку голема, што родителите тешко можат и да си замислат. Детето го нема искуството на возрасните. Затоа и не треба да се оптоварува со ставови, мислења, очекувања. За почеток, доволно е да му се дадат реални и оптимистични информации. Ако на детето му кажете: „Не грижи се. Сè ќе биде во ред. Училиштето е супер, ти тоа лесно ќе го совладаш“ – веќе му поставувате очекување дека треба да биде одличен ученик и дека никогаш нема да се соочи со некаков проблем на училиште. А кога ќе се случи такво нешто, детето ќе биде збунето. Ќе биде многу покорисно едноставно да му објасните дека училиштето има свои предности – стекнување нови знаења, искуства, запознавање другари и учители, но и дека мора да биде трпеливо на училиште, да внимава на час, да седи во клупата, што е сосема различно од тоа што го правело дотогаш. Седумгодишно дете може да ги прифати ваквите информации многу полесно отколку што си мислат родителите, па затоа нема потреба да се ограничува во тој поглед.

Мама и тато се најважната поддршка

Ставот на детето кон училиштето е еднаков со ставот на родителите. Затоа, дури и ако имате лошо мислење за некој сегмент од наставата, немојте да го изнесувате пред детето бидејќи подоцна ќе ви биде тешко да му објасните дека работите можеби и не се толку лоши. Исто така, за детето ќе биде покорисно ако се потрудите заедно со партнерот да изградите ист став во однос на училиштето. Затоа што освен збунетоста што ја носи промената наречена „поаѓање на училиште“, не му треба недефинираниот став на родителите кон толку значајна тема за него.

Децата сè слушаат и сè гледаат

Покрај сите дневни обврски што ги има, сосема е во ред мајката понекогаш да биде нервозна и нетрпелива. Но треба да се потрудите да го негувате вашиот внатрешен мир. Донесете одлука секој ден да издвојувате по 15 минути за медитација и средба со своите мисли и чувства. Така ќе станете посреќна и посмирена мајка, а детето ќе се угледува на вас и ќе се однесува како што вие ќе се однесувате. Децата внимателно наслушуваат сè што правиме и зборуваме.

Смирете се за да можете да го чуете вашето дете

Не е потребно да ги знаете сите правила за убаво и корисно однесување и да ги применувате секојдневно. Многу е покорисно да останете смирена мајка која ќе ги препознава однесувањата и потребите на своето дете и ќе одговара во согласност со нив, а не во согласност со правилата. Секое дете е индивидуа за себе и затоа не постојат универзални правила. Негувајте ја љубовта кон себе и кон детето и тоа ќе биде најдобрата инвестиција што ќе ја имате во животот.



912

X