Мајка ми прв пат остана кај мене за да ги заспие моите деца минатата ноќ, а јас и мојот сопруг излеговме во град. Кога се вративме, таа ми се заблагодари со солзи во очите.
Таа ми се заблагодари?!
Никогаш не нѐ научи мене и брат ми сами да заспиеме. Спиевме во нејзиниот кревет додека не посакавме поинаку. Таа нè држеше додека дремевме и нѐ доеше додека не престанавме природно да го правиме тоа. И еден ден, како наеднаш, на сето тоа му дојде крајот. Еден ден, како преку ноќ, се претворивме во пргави и откачени тинејџери кои повеќе не сакаа да поминуваат време со мајка си, туку само со своите врсници. А потоа, подоцна, се омажив и брат ми се ожени и имавме свои семејства.
Синоќа со сопругот излеговме на вечера. Не бевме далеку и не беше доцна кога се вративме. Но, штом стигнавме дома, се качив во детската соба да видам дали спијат децата. Ги најдов заспани до мајка ми, во нејзините раце. Исто како што спијат во моите раце. И исто како што јас и брат ми спиевме во нејзините, секоја вечер.
Изгледаа толку смирени и задоволни.
Мајка ми се разбуди штом влегов во собата и ми се насмевна. Низ солзите што ги криеше ми се заблагодари што ѝ ги вратив тие моменти. Моменти за кои никогаш не помислила дека повторно ќе ги доживее. Мислеше дека тие денови засекогаш ги нема. Ми кажа дека се обидела илјада пати, но дека не успеала да се сети на последниот пат кога ме држела в раце. Дури ни последниот пат кога ме нахранила. Не може ни да се сети кога последен пат сум се вовлекла во нејзиниот кревет среде ноќ барајќи да ме прегрне.

Но, вечерва, кога ги заспиваше внуците лежејќи до нив, се врати во времето кога го правеше тоа секоја вечер со своите деца. И се сети колку е прекрасно чувството. Колку беше посебно. Затоа што тоа не се моменти што траат вечно. Иако понекогаш се чини дека нема крај. Мајка ми ме потсети колку сум среќна што ја имам таа можност со моите деца секоја вечер. И колку е важно да се искористат тие моменти.
Дури и кога не изгледа така, ова сега, токму сега, е најубавиот период во мојот живот.