Семејните собири возрасните ги разбираат на свој начин и можат да ги избегнат кога сакаат. Децата ја немаат таа опција, па понекогаш треба да ги подготвиме на вистински начин.
Тие можат да бидат убави, но понекогаш и малку напорни, особено за децата. Промената на рутината, бучавата, метежот и многу нови лица може лесно да ги иритираат. Искрено, понекогаш не ни се толку драги како што сакаме да мислиме. Понекогаш би ги избегнале ако можеме, но сепак ги практикуваме за да ја одржиме поврзаноста со семејството.
Децата најчесто не се свесни за повеќето од нашите мисли, чувства и ситуации, а ниту можат да избираат, единствено можат да се приспособат. Затоа е добро однапред да поразговараме со нив и да ги подготвиме за тоа што ги очекува, особено ако станува збор за роднини што не ги гледаат често.

Теми за кои вреди да разговарате со вашите деца пред големите семејни собири
Објаснете им што можат да очекуваат – На децата им помага кога однапред знаат каде одат, кој ќе биде таму и како ќе изгледа денот. Ако ги подготвите и на бучава или метеж, ќе се чувствуваат посигурно и ќе реагираат помирно.
Граници и пристоен разговор – Наместо класичното „биди пристоен“, разговарајте за тоа како да препознаат кога нешто им е непријатно. Научете ги дека смеат да кажат што им треба и дека е во ред да се повлечат ако почувствуваат дека им е доволно.
Потсетете ги на границите во однос на нивното тело – Однапред договорете како ќе ги поздравуваат луѓето и дали ќе биде тоа со прегратка, бакнеж, ракување или само со мавтање. Важно е детето да знае дека има право да каже „не“ ако не му е удобно, и дека тоа е сосема нормално.
Храна – како да кажат „да“ и „не“ – На празници има многу колачи и разни јадења. Разговарајте дека е во ред да пробаат нешто ново, но и да одбијат ако не сакаат.
Може да направат пауза – На децата често им е потребна тишина и мир по многу дружење. Договорете знак или место каде што можат да се повлечат кога ќе им стане премногу напорно. Тоа им дава чувство на контрола и сигурност.
Важна е поврзаноста, а не тоа да бидат совршени – Потсетете го детето дека собирите не се тест за пристојност, туку можност за дружење и блискост. Не е важно да биде „совршено“, туку да биде свое и да се чувствува пријатно.