На Третата балканска конференција на наставниците од екс-ју (ноември, Белград) беа избрани девет наставници и професори од основно, средно и високо образование од нашата земја

Девет наставници од основно, средно, но и од високо образование добија признанија за најдобри наставници на Третата балканска конференција на наставници од екс-ју што се одржа во Белград. Наставниците покажуваат добри образовни практики во училишта во Скопје, Кавадарци, Крива Паланка, Штип, Валандово.

Најдобрите наставници прогласени во Белград

Основач на ова здружение или проект е наставничката Весела Богдановиќ од основното училиште во с. Ивањевци, Могила, заедно со нејзината колешка од Србија, Желјана Радојичиќ-Лукиќ, и двете финалистки на светскиот натпревар за најдобри наставници во 2015 година.

Како се избираат најдобрите?
– Секој наставник пополнува листа со прашања за кои добива поени. Мора да има најмалку 10, а тие не се добиваат лесно. Постоиме една година, веќе сме организирале три конференции и многу сум среќна дека имаме одличен одѕив од наставниците што сакаат да членуваат, да ги посетуваат нашите средби. Нашата цел е да покажеме дека промените и реформите во нашето образование треба да дојдат и од наставниците, а не само да чекаме државите да го сторат тоа. Се разменуваат искуства и се раѓаат нови соработки – вели Богдановиќ.

Таа објаснува дека на самите средби увидуваат дека сите земји во регионот ги имаат горе-долу истите проблеми и се обидуваат да си помогнат да ги решат.

– Полека и самите министерства за образование на земјите се свестуваат и ни се отвораат за соработка. Министерот за образование на Црна Гора, на пример, многу ни помогна на настанот во Будва. Исто така, имавме помош и од Белград. Нашето МОН ни помогна за првата конференција во Скопје, иако немаме некоја официјална соработка. Сакаме да го слушнеме гласот на наставниците и да се врати достоинството на оваа професија – вреднувањето и почитта – вели Богдановиќ.

Следната конференција ќе биде во мај 2020 година во Сараево.

Радојичиќ-Лукиќ (лево) и Богдановиќ – основачи на проектот



912

X