Оваа недела ме натера да се запрашам за моето родителство. Мојата ќерка следеше онлајн-часови со косата собрана во опавче кое беше толку големо, што спасувачки факт беше само камерата на компјутерот која не можеше да ја опфати целата слика од нејзината состојба со фризурата. Мојот син беше на систематски преглед и педијатарот најави дека тој „паднал“ од неговата крива на раст и развој – и потоа ми зборуваше за неговата исхрана, забележувајќи дека консумирал премногу процесирана храна, а не јадел доволно овошје и зеленчук. Ја отворив устата за да објаснам, можеби и да се извинам, но ја затворив. Бидејќи на крајот, изговорите и објаснувањата се само тоа. А неговата исхрана, односно недостиг од истата – е моја одговорност.
Таа ноќ, син ми ме потсети дека никогаш не сме работеле на таблицата за множење. Не беше разочаран. Но, јас бев. Не сум заборавила да го сториме тоа, но едноставно немав доволно време дента. Како што ја покривав ќерка ми за спиење, таа даде неколку коментари за нејзините другарчиња од училиште, кои не ги видела одамна, а потоа ми кажа за нејзините постигнувања во „Фортнајт“. Внатрешно, си држев предавања сама на себе. Тоа утро си реков дека ќе одам на работа и ќе најдам начин таа повеќе да се социјализира со соучениците и да поминува помалку време играјќи видеоигри.
Денот помина во таков хаос што јас не успеав да го реализирам замисленото. Додека дојде време и јас да одам в кревет, имав листа со работи кои би било подобро да ги завршам утредента. Утре ќе одам на работа, ќе го водам домаќинството и ќе бидам одличен соло родител на моите две деца за време на пандемија – нема проблем.
Не можев да бидам двајца родители кога едвај бев еден цел
Но, утредента пристигна и замина и додека имав успех со вметнување повеќе зеленчук во исхраната на син ми и охрабрувањето на ќерка ми да се јави на „Фејстајм“ и да разговара со другарче, сепак имав нови порази – немав шанса да пуштам машина за перење алишта, па и двете деца немаа чисти чорапи, а исто така повторно заборавивме на таблицата за множење. Вистината е дека има многу големи моменти во мојот ден кои ми олеснуваат да паднам во стапицата од мисли дека не правам доволно за своите деца, дека ги изневерувам.
Но, како знам дека не е така? Така што ги помнам малите моменти. Годината кога мојот сопруг почина бев сигурна фека ги изневерувам своите деца на илјадници начини. Не можев да бидам двајца родители кога едвај бев еден цел. Знаев дека работите ќе бидат тешки. Првпат во мојот живот го пропуштивме состанокот со терапевтот за говор за син ми, бидејќи заборавив. Првпат јас и мојата ќерка останавме до доцна подготвувајќи се за тестови, бидејќи јас заборавив да ја охрабрам да почне да учи порано. Давав сè од себе и знаев дека е доволно, но сепак посакував повеќе. И се грижев за ефектот кој сето ова го предизвикува врз моите деца.
И потоа открив. На една година од смртта на мојот сопруг, по цела една година во тагување и жалење, мојот син ги напиша овие зборови кон својот татко и ги остави на неговиот гроб. Во писмото пишуваше: „Среќни сме“.

Сега, кога и да помислам на таа прва година, на грешките и болката во срцето, првата работа на која се сеќавам се неговите зборови: среќни сме. Покрај сите големи моменти таа година, сите оние моменти што ги посочувам како неуспеси, тој еден свети најсилно. Оваа недела уште еден момент светна помеѓу сите други големи неуспешни моменти. На семејно излегување во „Старбакс“ со децата се однесувавме будалесто. Будалесто однесување кое го покажувате само пред семејството. Мојата ќерка се смееше до солзи. Ми се сврти и ми рече: „Го сакам ова семејство“. Знам дека во иднина, што и да помислам за оваа пандемиска година, секогаш ќе се сеќавам и на тој мал момент. Малиот момент ќе ја дефинира нашата година на ист начин на кој писмото на нејзиниот брат ја дефинираше првата наша година по загубата на сопругот.
Јас сум добра мајка, совршено несовршена мајка и токму таква мајка каква што на моите деца им е потребна
Бидејќи тие мали моменти докажуваат дека иако има многу неуспеси, децата ќе бидат добро и дека мене ми оди добро и оти некогаш, со надеж, ќе бидам уште подобро.
Лекцијата што ја научив е дека малите моменти откриваат големи вистини, поголеми од сите тие големи моменти исполнети со купови облека за перење и нездрава исхрана: Јас сум добра мајка, совршено несовршена мајка и токму таква мајка каква што на моите деца им е потребна.
Автор: Илејн Рот