Не е лесно да се биде најстарото дете во семејството. Секое најстаро дете го знае ова и ќе го признае. Да се биде најстарото дете носи одредени привилегии, но и многу поголема одговорност. Можеби вие ќе бидете првата личност што ќе остане будна до малку подоцна, но затоа вие ќе бидете таа што ќе ги носи помладите на училиште или во парк… И во сето ова некако ни се чини дека нема истражување на таа тема, но сигурно дека многумина се согласуваат – во иста ситуација ќерките имаат поголема одговорност од синовите во улогата на најстаро дете.
Неодамна една студија покажала дека највозрасните деца се најанксиозни, исто како и децата единци. Дали е тоа што ние самите сме многу поанксиозни кога сме родители првпат или затоа што преголема одговорност им ставаме на најстарите деца?
Веројатно секој има своја верзија за објаснувањето, но факт е дека најодговорни се најстарите деца. Па, сега се поставува прашањето зошто е тоа различно со најголемите ќерки отколку со синовите… Важно е секогаш да се има на ум дека најстарото дете – без разлика колку е постаро од другите деца, сепак е дете и дека треба да се однесуваме кон него така.
Еве неколку реченици што треба да им ги кажуваме почесто, ако не и секојдневно, на нашите најстари ќерки.
„Во ред е да се грижиш“
Ова може или не мора да биде стереотип – најстарите ќерки често се чувствуваат како да треба да се грижат за сите помали деца. Но, во исто време, факт е и дека ние како родители некако очекуваме тоа да се случи, дури и ако не го споменеме. Најстарите ќерки често со текот на времето едноставно учат да се грижат за своите браќа и сестри, домаќинството, па дури и за нивните родители. А понекогаш им недостига потврда за нивните грижи. Затоа, важно е да ја потсетите вашата најстара ќерка дека е во ред да се грижи, дека нема ништо лошо во тоа, но дека е клучно да се соочи со фактот дека треба да живее без постојана грижа.
„Ти си важна“
Ова е нешто што треба да му го кажуваме на секое дете секој ден. Но, најстарите деца често се оние што се чувствуваат малку изоставени. Тоа не значи дека на кој било начин се запоставени, туку едноставно можеби подобро разбираат што се случува околу нив и сфаќаат дека сега не им е редот ним – за ништо, па дури и за мама и тато. Затоа е важно да ги потсетиме дека се важни и заслужуваат внимание.
„Можеш да правиш и да бидеш што сакаш“
Повеќето проблеми што се појавуваат како „синдром на најстара ќерка“ се поврзани со родовите улоги. Сосема е логично најстарата ќерка да го преземе домаќинството или да се грижи за другите деца ако мајката не е во близина. И тоа само затоа што е најстара ќерка. Може да му се случи и на најстариот син, но изгледа дека е во многу поблага форма. Важно е да ѝ дадете до знаење на најстарата ќерка дека нејзината вредност не е поврзана исклучиво со грижата за нејзините браќа и сестри.
„Те сакам таква каква што си“
Токму поради обврските што често ги преземаат – грижа за помалите деца, грижа за домаќинството и слично, понекогаш кога ќе им кажеме „те сакам“ може да звучи како „те сакам за сѐ што правиш.“ А тоа не е точно. Затоа е важно доволно пати да истакнете и да ѝ кажете на вашата најстара ќерка дека ја сакате каква што е. На тој начин ќе се чувствува како да ја слушате, ја гледате и навистина ја сакате.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912