Па, тоа е фаза. Ќе помине, дефинитивно е фаза. Ах, фаза е, не грижи се, ќе помине – и ќе дојде уште една. Не мора ни да прашуваме дали сте слушнале некоја од овие реченици или некоја варијација откако сте станале мајка. Знаеме дека сигурно сте слушнале. Знаеме и дека и вие самите веќе сте почнале да размислувате во таа насока – насоката на фазата. И едноставно се помирувате со тоа, дека животот ви е сведен на фази.
И не е лесно да се издржи сето тоа, навистина не е. Некогаш е полесно, некогаш потешко, зависи и какво дете имате – затоа што не се сите исти, тоа го знаеме. Но, понекогаш едноставно има моменти кога мислите дека нема крај и дека не можете да продолжите понатаму. Има такви денови, такви часови, такви недели.
Писателката Сара Хувер дава универзални совети токму за такви моменти. Таа зборува за тоа што би си рекла себеси пред да стане мајка, а потоа дала совет што им е потребен на сите мајки.
-Сите фази се пократки отколку што мислите, и во секој момент си мислите: „Толку сум депресивна/Ова е сон/Го мразам ова““… но, навистина ќе заврши – рекла таа.
Потоа споделила како се чувствувала кога станала мајка.
-Дадов сѐ од себе за да го изградам животот што мислев дека го посакувам за себе. Жртвував делови од мојата личност за да живеам во градот во кој мислев дека сакам да живеам, да излегувам со мажите што мислев дека сакам да излегувам, да ја имам работата што мислев дека ја сакам… Сето тоа затоа што мислев дека ќе ме направи личноста што сакав да бидам. И тогаш си помислив: толку напорно работев и уништив сѐ со тоа што го родив ова дете и целосно го разнишав мојот идентитет – била искрена Хувер.
@itsmetinxpodcast One thing to tell yourself before becoming a mom #tinx #itsmetinxpodcast #sarahhoover ♬ original sound – itsmetinx
Она што би ѝ помогнало во вакви моменти е што знаела дека ништо од тоа нема да биде вечно.
-Тој нема да биде засекогаш дете. Нема да зависи од мене засекогаш. Неговите потреби ќе се променат. Моите потреби ќе се променат. Дури и оние фази што се чини дека се неодредено долги, всушност, траат најмногу три месеци. Три месеци можеш да работиш и да издржиш сѐ, а за тоа има награда – рекла Хувер, осврнувајќи се на сета љубов и на сето она што ни го враќаат децата.
Затоа, заборавете на сите тие инспиративни пораки, или немојте, сите се добредојдени – а потоа како потсетник напишете на видно место: „Три месеци можете да издржите што било“. Тоа би можело да биде она што ќе ве мотивира да го поминете денот… и фазата.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912