Секоја Нова година рачно изработува честитки и на своите ученици им ја честита годината што доаѓа. Вели дека ништо не е тешко кога се сака. Одделенскиот наставник Иле Михајловски од Оснoвното училиште „Кирил и Методиј“ од Свети Николе често го имаме на нашите страници. Но има и зошто. Прочитајте ја инспиративната порака што им ја испрати на своите ученици:

Михајловски, избран за еден од најдобрите наставници на поранешна Југославија

Драги мои ученици!

Од моментот кога вечерва на полноќ двете стрелки ќе ја гушнат бројката 12 на часовникот, од срце ви посакувам:

– Секој ден да слушате „те сакам“ од своите родители.
– Секој ден да ви почнува и завршува со прегратки со најблиските и најмилите.
– Најубавиот украс да ви биде насмевката на вашето лице.
– Да „пукате“ од здравје и сила.
– Да другарувате цела година со вистинските другари и да создавате нови.
– Да жнеете знаења и успеси кои ќе ви бидат водилка во целиот живот.
– Да ширите љубов околу себе несебично и искрено.
– Да играте во снегот додека не ви се заруменат обравчињата и да шлапкате во пролетните и летни вирчиња (не секирајте се, мама нема да се лути).
– Да ги искористите младоста и силата во вас во трчање, спортување, возење велосипед, играње (ќе се изненадите колку убавини крие светот околу вас).
– Да делите добрина и убав збор секому.
– Да им помагате на мама и тато, оти во тоа се кријат најубавите спомени за цел живот.
– Да се натпреварувате во знаења, добри дела и убаво однесување.
– Да им помагате на помалите, старите и немоќните околу вас.
– Да ги прифаќате различните како еднакви на вас.
– Да знаете дека мама и тато секогаш даваат сè од себе за ваше добро.
– Да бидете задоволни од она што го имате и тоа да ве прави среќни.

Може не ви посакав во Новата година да добиете мобилен телефон, таблет, нов компјутер, дрон… ама од срце знам дека ова што ви го посакав ќе ви го исполни животот со радост, среќа и спомени кои злато вредат. Затоа, драги мои, од срце ви посакувам да пишувате и нижете спомени на среќа, љубов и почитување цела година. Да сте ми живи, здрави и среќни!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



912

X