Нова студија открива дека две третини од родителите се жалат оти нивните деца се некомуникативни додека семејството седи заедно на трпеза. Најголем проблем имаат родителите на тинејџерите. Повеќе од една четвртина (28 проценти) се чувствуваат под стрес обидувајќи се да разговараат со своите деца за време на оброците, додека 86 проценти би сакале да внесат повеќе енергија, забава и ангажираност на нивните семејни вечери.

Сепак, развојниот когнитивен невролог и психолог, професор Сем Вас, кој бил вклучен во студијата, верува дека можеби на нашите деца им поставуваме погрешни прашања. Имено, родителите се фрустрирани од кратките одговори на прашањето: „Како ви помина денот?“, а професорот Вас смета дека токму ова прашање е проблемот. Тој предлага да поставувате помалку генерички, подиректни прашања кои се надоврзуваат на работи кои го прават вашето дете среќно, како на пример: „Што мислат твоите пријатели за твоите нови чевли/фризура/ранец?“

-Да ги ставите другите луѓе во фокусот на разговорот, исто така, може да ги натера тинејџерите да се чувствуваат поопуштено. Можете да го прашате вашето дете: „Како беше твојот најдобар пријател денес и што се случи со него на училиште?“, или нешто поконкретно како: „Што е најдоброто нешто што ти се случи денес?“ – сугерира д-р Вас.

Речиси половина од родителите (48 проценти) се согласуваат дека поставувањето конкретно прашање помага да се извлечат повеќе информации за денот на нивните деца на училиште.

– Кога сите сме уморни на крајот од денот, паѓаме во замката на еднонасочни прашања и одговори. Разговорот за време на вечерата може да биде предизвикувачки, но добро е да се запамети дека не секогаш се работи за прашањата што ги поставувате, туку за тоа како ги поставувате – додава професорот.

Тој, исто така, вели дека децата можат да бидат мотивирани по заедничка игра или во текот на подготвување на оброкот.

-Почетокот на новата учебна година може да биде тежок преоден период за родителите. Навикнати сте да знаете сè што се случува со вашите деца, а потоа е тешко да извлечете повеќе од неколку збора од нив – заклучил професорот.

Извор



912

X