Родителите кои се лишени од сон се очајни, а сонот на децата е сериозна работа. Апликациите, блоговите, книгите, консултантите за спиење и разните „чудотворни“ производи нудат решенија од сите страни. И колку сме поуморни, толку повеќе сме спремни да трошиме пари за сè што ветува подобар ноќен сон.
Но, што ако еден од производите во кои сте ги инвестирале вашите надежи и пари, всушност, го прави спротивното и му го отежнува спиењето на вашето дете?
Во разговор за „Кидспот“, консултантката за спиење на бебиња и деца Стеф Гуин предупредува на една многу честа грешка. Многу родители, во обид да му помогнат на своето дете да заспие или полесно да се смири кога ќе се разбуди навечер, пуштаат ноќно светло, постапка честопати поттикната од реклами и позитивни критики. Но, според овој експерт, ноќното светло не е добра идеја.
-Ноќните светла не се навистина неопходни и, што е уште поважно, можат да имаат големо влијание врз способноста на детето да заспие и да остане заспано, особено како што детето расте – објаснува Гуин.
Светлината и хормоните
Нашите тела имаат природен систем кој ни помага да знаеме кога е време за спиење.
-Кога сме во темница навечер, нашето тело ослободува мелатонин, хормон на спиење што нè прави поспани. Од друга страна, кога сме изложени на светлина, која било светлина, без разлика дали е црвена, сина, зелена, нашето тело може да ослободи кортизол, хормон на будност, кој му кажува на телото да се разбуди – вели Гуин.

Со други зборови, дури и слабата ноќна светлина може да испрати погрешен сигнал.
„Секоја вештачка светлина ја нарушува природата“
Ако бебе или мало дете спие со вклучена ноќна светилка, постои голема веројатност телото да му добива мешани пораки за тоа дали треба да спие или да биде будно.
-Дури и кога очите се затворени, светлината сè уште е тука. Тоа може да значи дека бебето добива мешани сигнали во текот на ноќта – истакнува Гуин.
Таа додава дека секоја вештачка светлина во просторијата за спиење, всушност, го нарушува природниот ритам на телото.
-Нашите тела се неверојатно паметно дизајнирани да се приспособат на ритамот на денот и ноќта, темнината значи сон, светлината значи будност. Не треба да се мешаме во тој природен процес. И искрено, зошто би се мешале? – заклучува таа.
Автор: Карина Шиждрак