Воспитување

Австралиските тинејџери жалат по социјалните мрежи

Австралиските тинејџери за последен пат ги користеа социјалните медиуми за да се збогуваат со своите следбеници и да тагуваат за загубата на платформите што обликуваа голем дел од нивните животи, пред забраната да стапи во сила.

Во часовите пред почетокот на забраната, голем број пораки за збогум биле објавени од тинејџери, како и од возрасни, на платформи како што се „Тик-ток“, „Инстаграм“ и „Редит“.

-Ќе ми недостигате – објавил 29-годишниот креатор Џош Партингтон, кој прави комични скечеви за австралискиот живот за повеќе од 75.000 следбеници на „Тик-ток“.

Австралија им нареди на 10 големи платформи, вклучувајќи ги „Тик-ток“, „Јутјуб“ на „Алфабет“ и „Инстаграм“ и „Фејсбук“ на „Мета“ да блокираат околу еден милион корисници под 16 години или да се соочат со огромни казни.

Околу 200.000 профили веќе се деактивирани само на „Тик-ток“, соопшти владата, а „стотици илјади“ ќе бидат блокирани во следниот период. Младите Австралијци, кои пораснале користејќи ги социјалните медиуми, се соочија со можноста да го изгубат пристапот до своите омилени апликации со мешавина од тага, хумор и неверица.

Многумина ги повикале своите следбеници да се приклучат на алтернативни платформи како што се „Јоуп“, „Лемон8“ и „Коверстар“, кои сè уште не се опфатени со законот.

-Како аутистично 13-годишно дете, скршен сум. Мојата листа за репродукција од над 1.400 песни на „Јутјуб“ ќе биде избришана, а и „Редит“ исто така, немам никакви пријатели… Ќе бидам сосема сам во следните три години додека не наполнам 16 години – пишувало во една објава на „Редит“.

-Само почекајте додека да можеме да гласаме – коментирало едно лице на „Тик-ток“, искажувајќи ја фрустрацијата за одлуката.

Не сите тинејџери се против забраната.

-Забраната за социјалните медиуми е веројатно најдоброто за нас. Сè што правиме е само седење пред екран со часови – истакнал еден корисник на „Тик-ток“.

Извор

Поврзани написи

To top