Данска стана првата држава во Европа што од почетокот на пандемијата на коронавирусот повторно ги отвори своите училишта, па данскиот образовен систем послужи како своевиден експеримент кој може да покаже дали и како училиштата може да функционираат во екот на една пандемија, пренесува „Њујорк тајмс“.

350 ученици од основното училиште во Легумклостер на југот од Данска се вратиле во училишните клупи, почитувајќи ги мерките за дистанцирање од 2 метра.

– Тоа е сосема нов свет. Порано правевме планови за престој на училиште во екстремни ситуации, на пример, терористички напади, но никогаш не сме имале вакви мерки – вели Тања Линет, директорка на училиштето.

Уште некои европски земји ги ублажија мерките за ограничување за одредени претпријатија или спортски активности, но ниту една држава не дозволи стотици деца повторно да се собираат во училиштата. Поради тоа, одлуката на Данска внимателно се анализира од остатокот на светот.

– Кога е време да се отворат училиштата, е дилема низ целиот свет, а ние можеби нудиме одговор – вели заменик-директорот на училиштето во Легумклостер, Фин Кристенсен. Меѓутоа, кога први правите нешто, па уште тоа го правите во од, се случуваат грешки и воведувањето нови мерки изгледа конфузно на почетокот. Така било и во Данска.

За да се спречи ширењето на заразата, на родителите не им е дозволено да влегуваат во училиште, на наставниците не им е дозволен престој во канцелариите, а децата седат на столчиња оддалечени два метри и за време на одморот не смеат да играат во големи групи. Исто така, сите во училиштето мора да си ги мијат рацете на еден час.

Редовно се врши дезинфекција на кваките, на секои 30 минути. Наставниците имаат обврска колку што можат повеќе да ги одржуваат предавањата на отворено, а училиштето ги применува сите инструкции што доаѓаат од владата.

– Некогаш се случува да ги менуваме правилата на секој час. Добиваме наредба во 9 часот, а потоа во 10 часот пристигнува нова одлука – раскажува Кристенсен. Одделенијата се поделени на мали подгрупи, а секоја од нив има посебна училница и наставник. Притоа, учениците имаат повеќе часови и помалку асистенти во текот на часовите, па имаат и многу повеќе работа за кратко време. Исто така, постојат спротивставени мислења дали одлуката на Данска за отворање на училиштата во екот на пандемијата е добра. Од економска перспектива, повторното отворање на училиштата им овозможило на вработените родители да се фокусираат на својата работа.

– Драматично е помала ефикасноста кога морате да ги водите децата и да се грижите за нив секој ден, во текот на целиот ден. Меѓутоа, од медицински агол, одлуката за отворање на училиштето е оспорувана. Светската здравствена организација ги предупреди Данска и другите држави што ги ублажија мерките за изолација дека тоа го прават прерано и дека постои можност од нов бран на вирусот, пред пандемијата да биде ставена под контрола – вели професорот по економија и економски советник на данската влада – Карл-Јохан Далсгред.

За Маја Петерсен, ученик во прво одделение, враќањето на училиште е слатко-горчливо. Од една страна, Маја повторно може да си ја види својата најдобра пријателка Мелани. Но, само тоа и може да го сторат – да се видат. Не можат да бидат блиску една до друга, да зборуваат, бидејќи се поделени во различни групи.

– Ова е нова ситуација во позната средина. Утешително, но исто така и голем предизвик – изјавила учителката на Маја, Лене Труп.

Бројот на заразени во Данска е во опаѓање во последните денови и земјата има една од најниските стапки на смртност од коронавирус во Европа, но статистиката може да биде нецелосна, а експертите предупредуваат дека нов бран може да се создаде во рок од неколку дена, или часови.

Некои родители протестирале на социјалните мрежи против повторното отворање на училиштата во текот на пандемијата, стравувајќи дека нивните деца се жртвувани заради економијата и не ги пуштиле децата на училиште. Меѓутоа, повеќето родители се уверени дека нема место за страв и дека одлуката за отворање на училиштата е добра.

– Работите мора да почнат да се одвиваат во некој момент. Им веруваме на нашата влада и нашиот образовен систем, а мојот син е среќен што се врати на училиште – вели мајка на основец од училиштето во Легумклостер.

Автор: Патрик Кингсли

Извор



912

X