Денеска во Општина Центар свечено се отвори новата градинка „Пролет“, современ објект изграден од темел според сите безбедносни и функционални стандарди, со капацитет на згрижување на 173 деца, на површина од 3.200 квадратни метри.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека градинката е завршена за помалку од три години, целосно финансирана од Oпштината, без задолжување.
-Оваа градинка не е само зграда – туку симбол на визија, вложување во иднината и одговорно водење. Темелите ги поставивме во јуни 2022 година. И еве нè денес – пред најубавата градинка во целиот регион – изјави Герасимовски на отворањето.

Тој посочи дека за помалку од три години објектот е целосно изграден, опремен и со сите потребни дозволи од Министерството за труд и социјална политика.
-Градинката е изградена целосно со општински средства, без кредити, по цена од 900 евра за квадратен метар – под просечната градежна цена. Модерно. Безбедно. Топло. Сè е направено одговорно и со внимание, според сите прописи – нагласи Герасимовски.
Герасимовски изрази благодарност до сите што беа дел од процесот на реализација, а особено до директорката на градинката и нејзиниот тим за нивната посветеност, соработка и визија уште од првиот ден.
Во продолжение можете да погледнете како изгледа оваа градинка.










Фото: Општина Центар