Воспитување

Отуѓување на детето од родителот – колку опасно може да биде

Отуѓувањето на детето од родителот е процес во кој детето се одвојува од другиот родител како резултат на психолошка манипулација, најчесто по разводот на бракот. Разводот е едно од најстресните животни случувања. Тешкиот, токсичен развод може психолошки да го скрши едниот, или двајцата партнери.

Тогаш на разводот не се гледа како на завршување на една животна фаза со преземање на својот дел од одговорноста, туку почнува барање на виновникот. Тој виновник најчесто е другиот родител, тој е виновен за неуспехот на бракот, за пропуштените години, тој се етикетира како неодговорен родител, виновен е и за финансиските проблеми…

Бесот кон поранешниот сопружник се зголемува, расте до таа мера што повеќе не може да се раздвои сликата на „лошиот сопруг/а“ од сликата на добриот родител. Детето, кое обично се плаши од лутиот родител, се здружува со него и почнува да верува во тоа што тој го зборува за другиот родител. Иако тој другиот обично не е само добар родител, туку можеби и единствениот добар родител. Овде не се работи за отуѓување како резултат на насилство, злоупотреба на психоактивни супстанции или трајно напуштање на детето, туку за ситуација кога кај детето постепено се провоцира омраза и непријателство кон другиот родител.

Дополнително се напоменува дека другиот родител може да му наштети на детето и се изнесуваат измислени приказни за тоа како порано го злоупотребувал детето, особено во период кога тоа било мало, па на тоа не може да се сети. На тој начин кај детето се всадува страв од другиот родител. Од детето се бара да го шпионира другиот родител или му се забранува воопшто да го споменува.

Без разлика колку бил лут на поранешниот партнер, добриот родител има емпатија за детето и може да увиди дека неговото однесување му нанесува штета на детето. Родителот кој вака се однесува длабоко е несигурен во своите родителски способности и затоа своите недостатоци ги проектира на другиот. Често виновник е и неразрешениот однос со сопствените родители. Чувството на напуштеност кое родителот го имал во своето детство сега повторно се активира со разводот и тој/таа бара апсолутна, неограничена контрола над децата.

Помладите деца кои не живееле долго во заедница и формирале цврста врска со другиот родител се попогодни за овој вид манипулација. Тие се исплашени и за сопственото преживување, стануваат сојузници на родителот во одмаздничката игра на омаловажување на другиот родител. Отпорот кон другиот родител е исклучив, детето започнува да ја користи истата терминологија и реченици што ги користи отуѓениот родител.

Ако другиот родител инсистира редовно да го гледа детето, се подготвува контраофанзива – детето е болно или одбива да оди кај другиот родител. Ако другиот родител не се појавува редовно во термините за гледање на детето, тогаш му се забранува какво било гледање под изговор дека детето така се штити од разочарување.

А што ќе биде со детето? Ретроспективните студии откриле дека децата кои на овој начин се отуѓени од родителите како возрасни развиваат ниска самодоверба, зависност и злоупотреба на супстанции, недостиг на доверба во луѓето, поголема стапка на депресивно нарушување и проблеми во партнерските врски.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top