Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 11 години која кога беше помала сакаше во сè да биде најдобра, беше комуникативна, дружељубива, но во последно време се здебели и оттогаш се промени во однесувањето, од весело и комуникативно дете стана дете што сака да биде само, не сака да излегува со другарчињата, постојано се расправа со постарите брат и сестра. Пробав неколку пати да разговарам со неа, но не сака, почнува да плаче или да вика и си оди в соба. Исто така, забележувам дека почнува да прави некои работи што не ми се познати од однесувањето на поголемите деца – ако допре нешто еднаш, мора да го допре уште неколку пати и слични такви работи. Размислувам да ја однесам да разговара со стручно лице, но ми е страв како ќе го сфати тоа. Ве молам за совет како да постапам бидејќи сум збунета и не знам што да правам. Пробувам да разговарам со неа со смирен тон, без нервоза, но едноставно наидувам на одбивање. Знам дека е можно да е во пубертет, но со постарите син и ќерка немав ваков проблем и не знам како да ја натерам да ми каже што ја мачи, зошто ги избегнува другарчињата. Би сакала да напоменам дека дома немаме кавги, проблеми и слично.
ОДГОВОР: Драга мајка, секое дете е различно во однос на психо-сексуалниот развој, вие самите можете најдобро да го уочите тоа бидејќи сте мајка на три деца, од кои ова е вашата втора ќерка. Девојчињата многу побрзо влегуваат во пубертет и многу порано ги чувствуваат промените. Тие многу порано влегуваат во комплексноста на сопствениот развој обидувајќи се да си го објаснат. Освен што можеби телесно и развојно се различни, вашите две ќерки генерациски растат и во различни контексти. Денес децата многу порано добиваат информации за сопствениот развој, многу порано се информираат, побрзо созреваат и секако многу порано остануваат збунети. Од друга страна, таа необјаснива длабока свесност за промените на сопственото тело, за пројавените и нови сексуални карактеристики, тие не знаат како да ја интегрираат во едно сопствено разбирање, без срам.
Срамот е токсично, но и доста комплексно чувство кое се развива како резултат на условеност од најблиската околина, особено кога таа околина нè гледа, проценува, споредува и ни се чуди. Срамот многу посвесно се раѓа со пубертетот и добива свое посебно место во дефинирањето на сликата за себе, самодовербата и задоволството од себе. Поради тоа, многу е значајно да креирате разговори/прашања/дијалози кои се во согласност со нејзините потреби и со нејзината сензибилност. Кога ќе го намалите чудењето, а го прифатите и разберете она што ѝ се случува, многу полесно и таа ќе се справува со промените. Нејзиното чувство за себе и за нејзината прифатлива промена многу зависи од вас, нејзината мајка. Мајките се исклучително битни во разбирање на телото и психо-сексуалните промени кај девојчето. Доколку вие сте инхибирани и се срамите од некои промени што сте ги доживувале како тинејџерка, тогаш и вашата ќерка ќе се срами од сопствените промени. Затоа е многу битно да се прашате кои се вашите грижи, но и стравови кога гледате во развојот на вашето девојче? Како и кои ваши реакции и постапки можат да предизвикаат срам кај вашето девојче?
Радмила Живановиќ
Позицијата на трето дете во семејството, исто така, носи специфичност во развојот. Третото дете станува многу посвесно дека не е прво, туку во овој случај последно, и може да си бара дополнително внимание, поинакво од она што им го давате на првите две деца. Од друга страна, многу е поинакво кога сте мајка во дваесеттите, во триесеттите, а особено во четириесеттите години. Поради опаѓање на еланот со годините, како и поради вашето долгогодишно искуство како родител кој очекува да заштеди дел од времето за родителствување со секое ново дете, се појавува токму спротивното, а тоа е секое дете да бара поинакво внимание и придонес, како и поинакво разбирање. Ние, како родители, мора да бидеме постојано во контакт и со сопствените ограничувања и да имаме разбирање за нив. Од друга страна, секое дете има право да биде гледано како единствено, поинакво и посебно. Така што како би постапиле вие доколку ова е вашето прво дете и доколку немате со кого да го споредувате? Како би гледале тогаш на ваквото однесување?
За тинејџерите се многу значајни активности во кои тие би се чувствувале значајни, посебни, а воедно и слушнати и разбрани. Значајно е да најдете начин да откриете што ја интересира, да покажете интерес за нејзините содржини, но не пренападно, туку со почит на нејзиното одбивање. Не вознемирувајте се многу кога ќе одбие веднаш да разговара со вас, тоа е обид да си ја дефинира приватноста, и тоа треба да се почитува
А во однос на некое ваше насетување за компулсивноста што се јавува, препорачувам да ја следите, но не и да реагирате како да е нешто поинакво и различно. Компулсивноста знае да носи некакво смирување во моменти кога не знае или се срами да ја искаже својата вознемиреност. Таа е еден вид примарен регулаторен механизам на пренатрупана енергија која не знае како да ја изнесе надвор и да ја канализира. Прашањето е како вашето дете ја канализира вознемиреноста и дали има начин да ви каже дека е лута, вознемирена, неразбрана. Можеби има, можеби нема (тоа не можам да го знам од вашето прашање), затоа ве насочувам да погледнете во она ваше внимание со кое вие сериозно реагирате на нејзината реакција?
За тинејџерите се многу значајни активности во кои тие би се чувствувале значајни, посебни, а воедно и слушнати и разбрани. Значајно е да најдете начин да откриете што ја интересира, да покажете интерес за нејзините содржини, но не пренападно, туку со почит на нејзиното одбивање. Не вознемирувајте се многу кога ќе одбие веднаш да разговара со вас, тоа е обид да си ја дефинира приватноста, и тоа треба да се почитува. Не притискајте ја премногу да ги прави исправно работите, не споредувајте ја со некој со кој немате потреба да ја споредувате, дури ниту со сестрата ниту со вас. Најкомплицирани се споредбите и знаат најмногу да ги ранат тинејџерите. Од друга страна, поставете јасни и доследни граници, но доста креативни.
Би препорачала родителско советување за вас, нејзините родители, со цел појасно да ја разберете нејзината ситуација и вашата одговорност во однос на посакуваните промени. Многу внимателно треба да се пристапи во нудењето посета на психолог. Токму поради тоа што и самата смета дека е поинаква, предлогот да оди да посети психолог треба да дојде од неа и со нејзина согласност. Прашањето не треба да оди толку директно и во клима на вознемиреност (да не ја доживее како казна). Доколку смета дека не ѝ е потребно тоа, значи дека се срами и се чувствува поинаква. Затоа многу внимателно со притисокот да посети психолог, особено доколку никој од вас и вашите деца нема искуство со оваа практика.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912