Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 22 години и сум мајка на две деца. Поголемото има 3 години, а помалото 10 месеци. Откако се роди малото, поголемото изгуби интерес и желба да биде со мене. Некои работи што ги правевме заедно претходно сега ги одбегнува.

Не сака ни на прошетка да дојде со мене. Се обидувам да најдам игра или каква било занимација за двете деца,  меѓутоа, големото ништо не прифаќа. Бидејќи живееме во заедница со свекор, свекрва, тоа постојано е со нив. Како повторно да го придобијам интересот на детето да има какви било активности со мене?

Прашува: Ирена

ОДГОВОР: Од она што го пишувате сосема е јасно дека промената во однесувањето кај вашето поголемо дете е поврзана со раѓањето на помалото, односно со промената на семејната динамика што се креира со доаѓањето на новиот член на семејството.

Честопати ваквата промена знае да биде неверојатно голема и шокантна за постарото дете, кое во суштина и самото уште е мало. До вчера било во центарот на вниманието на сите домашни и наеднаш се наоѓа во ситуција да биде „втора виолина“. Доколку до пред раѓањето на второто дете вашето прво дете се чувствувало дека го има сето ваше ексклузивно внимание, многу е веројатно дека  тоа сега му недостига и тој однос на ексклузивитет го бара во релацијата со своите баба и дедо.

Пишувате дека независно колку и да се обидувате да најдете игра или каква било занимација за двете деца заедно, постарото одбива да учествува. Дали сте помислиле дека токму тоа што се обидувате да најдете активност која ќе ги вклучи и двете деца заедно може да биде причината што постарото одбива да учествува? Односно дека тоа не ги одбива активностите со вас, туку ги одбива активностите со вас плус другото дете?

Ако вашето прво дете било навикнато да има одреден ексклузивитет на вашето внимание, грижа и активности, разбирливо е дека сега нема да сака сите да ги дели со помалото дете, односно дека и понатаму ќе има потреба од поминато време и поврзување само со вас. Затоа ве охрабрувам, во рамките на вашите можности, да се обидете секојдневно да издвоите барем малку време (на пример, додека помалото дете спие или го чува некој друг) за активности во кои ќе бидете 1 на 1 со вашето постаро дете. Во текот на ова време што ќе го имате само за вас двајца дозволете му тоа да одлучува кои активности ќе ги правите заедно.

Во случај да согледате дека ви е потребна дополнителна помош или насочување, не срамете се да ја побарате од соодветно стручно лице (развоен психолог или игровен психотерапевт) кој ќе може соодветно да ве води чекор по чекор низ овој процес, приспособено на спецификите на вашиот индивидуален случај.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X