Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 4,5-годишен син. Оди во градинка од својата прва година, но кога имаше три и пол години ја сменивме градинката. Секогаш кога ќе го прашам како поминал, ми одговара со „не знам“ и се смее нервозно. Тоа нервозно смеење му е одбранбен механизам, така прави кога нешто го повредило и не сака да покаже слабост. Како да му пристапам за да разберам како му поминал денот? Едно дете го задеваше, му реков секогаш кога има проблем да им кажува на воспитувачките. Пробав да разговарам со нив на таа тема, но не добив конкретно решение, туку нешто во стилот дека децата не сакајќи се задеваат во игра. Според нив, сè е во ред, нема проблеми. Но, од пред некој месец почна да ја џвака јаката на маицата, а кога беше поладно ги гризеше ракавите на блузата.
Дали да го предупредувам да не прави така или да чекам да помине само од себе?
ОДГОВОР: Секоја промена им влијае на децата. Децата стекнуваат навики, но кога треба да се менуваат, може да се појави негодување или промена на однесувањето. Со промена на градинката детето не само што требало да се навикнува на нова установа-простор, туку и на нови возрасни лица вработени во новата градинка, а секако и најважно – на нови другарчиња. Претпоставувам во старата градинка, штом одел од една година, имал создадено пријателства со децата и имале свој ритам и навики за игра и учење. Треба време за вашето дете да стекне доверба во возрасните, другарчињата и да го пронајде своето место во групата. Тие веќе имаат формирано другарства, а на вашето дете му треба време да види со кои деца најмногу му одговара играта. Тоа навистина не знае, а незнаењето само по себе носи лутина и нервоза. Дете на оваа возраст не е толку умешно да артикулира, да изрази што навистина сака.
На прашањето како да дознаете повеќе како го поминал денот, би ви предложила да не го прашувате како си поминал одма по градинката. Искористете го тоа време прво вие да објасните како сте поминале додека вашето дете било во градинка. Овој начин ќе му биде модел дека секој треба да сподели како си поминал додека не сте биле заедно. Чекајте кај него да се пројави потреба да зборува за себе.
Би ви предложила во времето кога детето се подготвува пред спиење да оставите повеќе простор за заеднички разговор. Тогаш поставете му ги трите прашања: Што те направи да се чувствуваш среќен – радосен денес?, Што те направи да се чувствуваш тажен денес? и третото прашање Што научи денес? Ова е начинот вие да стекнете навики да си разменувате информации, а истовремено ќе знаете што му се случило на вашето дете во текот на денот. Кога разговарате за ова, не навлегувајте многу во решавање на проблемите, само детектирајте ги и решавајте ги наредниот ден преку разговор и дејствување, бидејќи детето треба да има мирен и спокоен сон.
Во врска со џвакањето на маицата и гризењето на долгите ракави од блузите, со претходниот начин на комуникации ќе дознаете што ги предизвикало и полека, но сигурно ќе се намалуваат и ќе ги снема.
Бидете трпеливи и истрајни во менувањето на вашиот начин на комуницирање и разменување информации со вашето дете.
Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912