Воспитување

Го исклучивме ТВ и мојот син се обиде да ни го загорчи животот, но…

За себе знам две работи: родена сум мрзлива и главно сум намуртена.
Се разбира, можам да бидам и весела и полетна, но со напор. Како ноќна птица, обично сум уморна и напорот да ја надминам својата мрзлива намуртеност бара многу сила. Така што обично не вложувам напор наутро кога ќе се разбудам. Што и не е баш добро за моите деца (а веројатно ни за мојот сопруг).
Моите деца се будат среќни! И возбудени! И полни со сила! И сè во стил на извичници! Јас се будам мачејќи се. Често тоа не е ни вистинско будење, туку поминување од состојба на бесна будност во креветот во состојба на бесна будност надвор од креветот. Ако на ова се додаде фактот дека Лука е ранобудник, ете ви рецепт за утринско гледање телевизија.

Во текот на годините секогаш кога моите деца го почнуваа денот со гледање телевизија, се чувствував виновна. Главно им пуштав образовна програма за совеста помалку да ме пече. „Добро е малку да гледаат поучни емисии пред училиште, многу ќе научат. Мммм, еве го моето кафе“. Но, тоа „малку“ стана „многу“, а образовната програма стана нешто друго.
…Набрзо моите деца гледаа ужасни емисии и соодветно на тоа почнаа и ужасно да се однесуваат. Колку и да сакав да го порекнувам тоа, вистината беше дека секојдневно со часови гледаа телевизија. На училиште не тргнуваме пред 8:20, а Лука се буди во 6 часот наутро, па самите можете да пресметате колку часови се насобраа.
Не ви треба експерт за родителство за да ја увидите поврзаноста меѓу однесувањето на децата и нивните навики во гледањето телевизија. Промената е прилично брза… Нешто мораше да се промени. Но, ако им го скратам утринското гледање телевизија, што ќе се случи со мојот утрински ритуал? Дали навистина го сакам тоа? Додека тие го вклучуваа нивниот екран, јас го вклучував мојот. Откако ќе завршев со подготвувањето храна, си го пиев моето кафе прегледувајќи „Фејсбук“. Технологијата завладеа со нашите утра. Секоја промена би била тешка за сите нас.

И наеднаш ми дојде преку глава од тоа. Тоа беше еден типичен викенд, надвор времето беше убаво. Одлучив дека веќе нема гледање телевизија. Сали се вџаши, но брзо се заигра со своите играчки.

Лука најпрво се стаписа, а потоа се спротивстави, па се жалеше, па плачеше, па се противеше, па лелекаше, па се обиде да ѝ ја расипе играта на Сали, па дрдореше, па плачеше… Тоа траеше пет часа. И не само што му реков дека нема гледање телевизија туку побарав од него сам да си смисли забава. Не, тато нема да игра фудбал со него, ниту јас ќе играм социјални игри. Мама и тато имаат друга работа.
Пет часа. На моето седум и полгодишно дете му требаа пет часа да смисли како да си игра без помош на технологијата или внимание од возрасните. Пет часа се обидуваше да ни го загорчи животот. Сопругот и јас некако издржавме, без надеж дека некогаш ќе застане.
Му обрнувавме што е можно помалку внимание знаејќи дека и негативното внимание за него ќе биде доволно.
По тие ужасни пет часа се случи нешто неверојатно. Лука ги забележа своите долго игнорирани лего-коцки. Потоа двајцата со часови си играа со нив, прекинувајќи ја играта само за да јадат или да се скараат. Денот го завршивме со две среќни деца.
Таа вечер на децата им кажав дека нема веќе гледање телевизија наутро. Ги скривме далечинските управувачи, компјутерското глувче и ајпадот за некој ранобудник да не падне во искушение. Децата зачудувачки мирно прифатија дека технологијата нема повеќе да владее со нашите утра. Се разбира, ни јас не смеев да седнам на мојот компјутер, па се посветив на домашни активности кои обично чекаа додека децата да заминеа на школо.

Дали вака изгледаат оние фини семејства?
Добро, тоа беше само еден ден, сигурно ќе станува потешко. Таа вечер повторно им кажавме дека наутро нема да има телевизија. Пак скривме сè. Тие пак не се бунеа. Таа вечер заедно игравме карти. Децата беа ВООДУШЕВЕНИ. Толку многу што се чувствував како најлошата мајка на светот.
Види колку ми се среќни децата само затоа што добија трошка внимание. Боже, навистина сум била ужасна сите овие години!
…Дали работите ќе се сменат кога ќе залади? Можеби. Се надевам дека ќе се најдеме некаде на средина. Навистина некое време работите ни излегле од контрола.
Дали би успеала во ова пред една година? Можеби, но можеби не. Не гледам поента во гледањето наназад. Имаше години кога најважно беше да опстанеме. Среќна сум што можам да изјавам дека успеавме да преживееме.

Многумина од вас сигурно си мислат: „Се разбира дека работите се поправиле! Ти навистина си била очаен родител сите овие години!“ Добро. Осудувајте ме ако тоа ви помага да имате подобро мислење за себе.
Но, на оние што го читаат ова и мислат: „Никогаш не би успеале во ова. Без гледање телевизија наутро би го изгубиле разумот!“, имам нешто да им порачам: Ќе успеете, бидејќи и јас не можев без тоа. А потоа, еден ден – успеав.

Автор: Елисон Харт

Поврзани написи

To top