Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам девојче од 9 години. Минатиот месец ѝ започна циклусот. Моментално нема месечен циклус, но еднаш ѝ се одбележа. Таа е дете кое собира сè во себе и не сака никако да комуницира, кога разговараме, не се вклучува во разговорот, туку само кима со главата. Води инает со сè – и со пишување домашна, и со учење, и со извршување на секојдневните обврски. Нема волја за ништо и постојано ми преговара и одвраќа на сè што ќе кажам. Па сега, откако ја доби менструацијата, тоа однесување е поизразено, па кога ќе ја прашам зошто така се однесува, таа одговара дека тоа го прави за инает бидејќи постојано сме ѝ викале
Искрено, разбирам дека ѝ се случуваат промени во организмот, меѓутоа, таа не сака да разговара со мене на ниту една тема. А заборавив да напоменам дека има и помало братче и постојано вели дека него сме го сакале повеќе и дека само нејзе ѝ викаме заради него, а таа него намерно го задева и го расплакува.
Искрено, секој совет би ми бил добредојден бидејќи веќе не знам што да применам за да ја натерам да си ја среди собата или да ја напише домашната, да си ги заврши обврските, досега пробавме и со казни и со награди, но ништо не функционира.
ОДГОВОР: За време на пубертетот реакциите што ги имаат деца ги донесуваат во недоумица родителите, а воедно и ги збунуваат. Бурните промени на биолошко ниво предизвикуваат и одредени промени од емоционален и психолошки аспект, и сите тие ја збунуваат и вашата ќерка. Кога детето е инаетливо или непослушно, како што наведувате, секој притисок или инсистирање на разговор би предизвикал дополнителен отпор. Не е спремна во овој момент да разговара за промените што ѝ се случуваат, најверојатно се срами. Сега е период во кој и таа почува да се запознава себеси. Двете имате чувство на неразбраност. Застанете, видете како сте вие, што е тоа што ве вознемирува, што ве плаши. Потоа разговарајте со вашата ќерка, многу нежно и суптилно донесете ѝ ги работите или темите кои сметате дека е неопходно да ги знае. Обидете се да ги препознаете нејзините чувства и потреби. Несоодветното однесување игнорирајте го, додека позитивното – поттикнувајте го. Најдете време да поминете заедно со семејството без да инсистирате на разговор. Некогаш тишината кажува многу. Потребни се трпение и мудрост од двете страни.
Дајте ѝ слобода да ги прави изборите. Јасно поставете правила кои се однесуваат на тековните задачи и активностите што се во согласност со нејзините можности. Дајте ѝ примери до вашиот личен живот, потсетете се што ви беше потребно и важно кога бевте на таа возраст. Сите имаме иста потреба да добиеме љубов и внимание. Потребни сте си една на друга, но во вој период се разминувате. За да се видите, потребно е да застанете и да си дадете време и можност да се сретнете и запознаете. Вашето девојче расте и почнува да созрева на еден поинаков начин, кој носи предизвици. Организирајте заеднички активности, пешачење, излет, прошетки во кои ќе бидат активирани сите членови од семејството. Излезете само вие двете заедно со цел да имате време само за вас. Без притисок, многу спонтано поразговарајте за нештата што ја мачат. Најчесто зад тој инает стои потребата да биде видена, уважена, поддржана, сака да ѝ се даде можност да биде слушната. Помогнете ѝ да ги разбере своите емоции со тоа што ќе ги препознае и вербализира. Бидете искрени, јасни и дајте ѝ слобода да истражува. Нека знае дека сте тука за неа кога ќе има потреба, чувството на сигурност е многу важно. Уживајте и учете заедно како семејство.
Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912