Покрај музиката, Алек сака да скија, да вози „бе-ем-икс“ и скејтборд на рампи

Кога имал само четири години, почнал да удира на замислени тапани. Користел буквално сѐ што ќе најдел во кујната на мајка му – тенџериња, капаци, тави, дрвени лажици… На пет години дедо му му подарил барабан изработен токму за него.
Но, тоа само за кратко ги „спасило“ домашните, а и соседите, од музиката на Алек. Тој и денеска, на осумгодишна возраст живее за да удира на тапаните. Кога не му се при рака, секогаш се тука тенџерињата на мама.

Алек Билбиловски учи во Основното училиште „Братство-Миѓени“ во Тетово и е трето одделение. Оди и во основното музичко училиште во Тетово, на програмата за пијано. Редовно посетува часови кај менторот Самир Ибраими, каде што постојано се усовршува.
Алек учествувал на интернационални натпревари каде што освоил први награди.
– На Меѓународниот натпревар за удирачки инструменти „АРТ ИН“, Алек освои прво место и во 2017 и во 2018 година. Фестивалот се одржува во Музичката академија во Скопје – вели мајка му Благица Ѓорѓеска-Билбиловска.

Алек со родителите и сестра му

Штом слушне музика, прстите сами му играат

Музичките инструменти не му биле непознати на Алек додека растел. Неговата сестра Ема, која има 12 години, свири на клавир и исто како и Алек, има учествувано на повеќе натпревари и освојувала награди. Татко му е исто така одличен музичар и свири на повеќе инструменти.
– Алек од мал постојано беше во допир со музиката и со различни инструменти. Ние како родители сакавме тој да биде музички образован. Секако, не од толку мала возраст, но неговата желба за тапани беше и е многу голема. Па затоа веќе од пет години почна и со приватни часови по тапани – раскажува Благица.

Штом слушне музика, ако Алек нема палки во рацете, удира со прстите, со моливи и други работи што ќе се најдат пред него. Мајка му вели дека тоа го прави насекаде.
– Штом слушне музика, веднаш реагира на тој начин. Знаеше да направи сет од тапани од сите тенџериња од кујната, со капаците како чинели и со дрвени лажици како палки и така цел ден да слуша музика и да удира на неговиот сет. Истовремено, колку и да беше интересно, гласното удирање знаеше да ни пречи на сите дома, а и на нашите соседи – се потсетува таа.
Првите тапани Алек ги добил на шестгодишна возраст. Бил многу среќен, а и изненаден.
– Постојано ги размонтираше и повторно ги составуваше. Поради тоа што живееме во зграда, за да не го нарушиме редот и мирот на нашите соседи, ги префрливме на друго место.

Омилен бенд му е „Ред хот чили пеперс“

Омилен бенд на Алек е „Ред хот чили пеперс“, а омилена песната Fortune Faded.
– Мој идол е Ентони Кидис. Слушам песни и од „Нирвана“, „Металика“ и од други рок-бендови – вели Алек.
Мајка му додава дека од самиот почеток Алек го сака овој стил на музика. Наместо цртани, гледал канали со рок или панк-музика.

За околината е интересен поради неговата возраст. Обично тапаните не се најпосакуваниот инструмент на децата. Но, Алек одушевува каде и да засвири, дали пред семејството, другарчињата или на настап на некој натпревар. Вели дека негов најголем сон е да стане познат тапанар.
– Тапаните се многу силен инструмент и многу убаво се чувствувам додека свирам. Не ми пречи силната и гласна музика. Едноставно и јас се чувствувам многу силно кога свирам. Кога го правам тоа, најчесто замислувам дека сум на концерт и дека ме гледаат многу луѓе – вели Алек.
Покрај музиката, Алек сака да скија, да вози „бе-ем-икс“ и скејтборд на рампи. Бидејќи во Тетово нема услови за ваков вид спорт, кога се во можност, родителите го носат на некоја од рампите во Скопје.



912

X