Дали некогаш сте морале да чувате голема тајна од вашите пријатели? Како на пример – што сте им купиле за роденден или каде сте ги скриле вашите слатки?
Вил Брисбин, од Шервуд Парк, Алберта, Канада, морал да чека 8 месеци за да им каже на пријателите дека добил улога во „Патролни шепи: Филмот“.
– Тоа беше најголемата тајна што некогаш сум требало да ја чувам – рекол 15-годишникот во интервју за „Си-би-ес кидс“. Иако ја добил улогата во февруари, официјалната најава за кастингот се појавила неодамна. Самиот филм е заснован на анимираната серија во која се работи за момче и група кучиња кои водат спасувачки мисии, а премиерата се очекува да се реализира во август 2021 година.
Неговите пријатели и семејство го прашувале за патувањето за аудиција во февруари, па тој морал да каже неколку „бели лаги“. „Некои блиски пријатели знаеја дека одам во Торонто тој викенд, но им кажав дека одам да посетам роднини. Треба да бидете добри лажговци во вакви ситуации, но тоа едноставно беа моите актерски способности на дело!“, рекол Вил. Кога конечно ги споделил вестите, рекол дека се чувствувал како да е надвор од своето тело.
– Тоа беше знак за олеснување. Како да излегував од сопственото тело – изјавил Вил.
фото извор: www.cbc.ca
Бидејќи Вил не може да глуми покрај своите колеги актери заради пандемијата, Холивуд пронашол паметен начин да се оствари таа филмска магија. Вил ги снимал своите делови во студио во Едмонтон, додека одржувал физичка дистанца. Режисерите на филмот го насочувале Вил при зум-повик додека ги гумел и снимал неговите реченици.
Вил сè уште се обидува да ја процесира веста дека е избран за улога во филмот. Рекол дека на момент заборава, а потоа се сеќава дека тоа навистина се случило. Вил вели дека клучот до успехот е напорната работата. Децата што сакаат да станат актери треба да одат на часови по глума и да се обидуваат во таа дејност преку учество во театарски претстави. „Таму започнав и јас. Полека почнуваш да се опушташ кога настапуваш пред луѓе“.