Дете што вреска на подот во продавница, вика пред тобоганот или не сака да стане од подот во автобусот. Сите сме го доживеале тоа. И оние што мислеле дека станува збор за невоспитани деца брзо го промениле мислењето кога и сами го доживеале првиот тантрум. Изливите на бес се чести кај малите деца, па дури се и важен дел од емоционалното и психичкото здравје на детето. Малите деца не знаат да се справат со емоциите, па тоа обично завршува во тесна борба на родителите со 15 килограми чист бес.

Инстинктивната реакција на секој родител е да го замолчи детето и да го прекине изливот на бес, но експертите велат дека е потребно да го направи токму спротивното.

Секако дека е подобро детето да ги исфрли негативните емоции отколку да ги држи во себе. Иако на родителите ова не им е лесно да го разберат, ниту толерираат, детето треба да го „обработи“ тантрумот за да се ослободи од стресот, негативните емоции и потоа да продолжи со вообичаените активности.

Ослободување на стресот преку плачењето

– Нападите на бес кај малите деца може да настанат од разни причини: ако не може да ги намести коцките како што си замислило или ако мајката инсистира да ја изеде баш таа кашичка, да ги среди играчките или да облече сина маица – објаснува педијатарот д-р Џована Армано.

Но, таа истакнува дека ослободувањето од стресот преку плачењето е сосема во ред. Човечките солзи содржат кортизол, хормон на стресот и кога детето плаче, буквално го исфрла стресот од телото. По плачењето следува и тешење од најблиските, што за детето е многу важно, а по изливот на бес детето обично е многу порасположено.

– Изливите на лутина и плачење некои психолози ги сметаат и за форма на учење бидејќи детето ги дознава границите до кои може да оди, што му е дозволено, а што не. Ова е особено важно за развојот – објаснува д-р Армано. Следната корист од тантрумот е подобар сон навечер. Имено, експертите сметаат дека детето подобро ќе спие ако стресот не се насобере во текот на денот, туку се исфрли.

Доколку детето не го искаже, може да доживее насобрани негативни емоции во текот на ноќта, па сонот му е прекинат, а може да има и кошмари.

Бидете одлучни и доследни кога на детето ќе му кажете „не“

Детето има напад на бес кога ќе слушне „не“? Тоа е добро. Секојпат кога на детето ќе му кажете „не“, поставувате јасни граници за тоа што е прифатливо, а што не е. Логично е детето да се обиде со плачење и изливи на бес да го добие тоа што го сака, но родителот мора да биде одлучен и најважно – доследен. Со други зборови – во секоја ситуација да реагира исто.

– Не е добро на истиот испад родителот некогаш воопшто да не реагира, а некогаш да го казнува, во зависност од расположението. Така детето нема да научи што е добро, а што не е – објаснува д-р Армано.

Со текот на времето, со помош на родителот, ќе научи да ги контролира емоциите. Додека тоа не се случи, родителот мора да се обиде да го смири детето со убави зборови и прегратка, но не насилно бидејќи бесот може да се разбуди. Детето ќе се чувствува сигурно што може да ги изрази емоциите и да добие утеха.

Златни правила за детските испади

Угледниот педијатар д-р Мирјана Коларек Каракаш објаснува што не смеат да прават родителите во текот на испадите на бес на детето. Како што напоменува, на детето мора да му се дозволи да го искаже бесот, но мора да се постават граници.

– Не викајте му на детето, нема ефект.
– Немојте да му се смеете – така ги омаловажувате неговите чувства.
– Не имитирајте го и не исмејувајте го – така усвојува шема за исмејување на другите деца.
– Не казнувајте го – може да предизвикате повеќе да не ги покажува чувствата подоцна во животот.
– Не нудете награда за да престане – така ќе научи како да манипулираат со другите.

Извор



912

X